среда, 29. ноември 2023. Вести денес: 0
home Вести

Економскиот институт – Скопје одбележа 70 години постоење

Економскиот институт – Скопје одбележа 70 години постоење

Економскиот институт – Скопје денеска свечено одбележа 70 години постоење. Тој е основан во 1952 како самостојна научно-истражувачка институција при Стопанскиот совет на Владата на НР Македонија. Во изминатите седум децении Институтот има над 500 меѓународни и домашни реализирани истражувачки проекти, повеќе од 180 публикации, а 24 години го објавува научното списание „Економски развој“ со меѓународен уредувачки одбор, индексирано во повеќе бази на научни списанија.

– За успехот на Економскиот институт кажува и податокот дека магистрирале повеќе од 900 студенти на повеќе студиски програми на втор циклус на студии од областа на економските науки, организациски науки и управување и дека на нашиот Институтот докторирале повеќе од 250 доктори на науки во три научни области, изјави директорот на Економскиот институт, проф. д-р Зоран Јаневски.

Во рамки на јубилејот, Економскиот институт потпиша партнерски договор со „Даталаб МК“, фирма за поддршка на компаниите во процесот на дигитална трансформација, која на образовни институции во регионот им овозможува пристап до модерни алатки за оперативно функционирање. Планирано е нивната соработка, базирана на доделување лиценци од деловниот софтвер Pantheon ERP, да резултира со формирање Лабораторија за дигитална трансформација. Покрај тоа што ќе соработуваат во едукативни цели, „Даталаб МК“ и Економскиот институт ќе понудат на пазарот и комерцијални пакет услуги за деловните субјекти во земјава.

– Освен што ќе го имплементираме во образовната дејност, Институтот овие алатки со кои ќе се опреми лабораторијата ќе ги вклучи и во научно-истражувачката работа. Ние сакаме да истражуваме како врз база на овој софтвер се менуваат производите, на пример во дигиталната економија, како се менуваат пазарите, како тоа влијае на општествата, на економиите, како се менуваат деловните модели итн, рече Јаневски.

Ректорот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, Никола Јанкуловски во обраќањето на свеченоста истакна дека Економскиот институт е основан само три години по формирањето на УКИМ и дека неговата работата е препознатлива и заслужува, како што рече, да биде високо вреднувана поради огромниот број реализирани проекти, публикувани посебни изданија, објавени научни и стручни трудови, резултатите на научно-истражувачката и апликативната дејност и нивното влијание при креирањето на економските политики на земјата, како и целисходноста на понудените предлози за подобрување на тековните состојби во јавниот и реалниот сектор.

Министерот за образование и наука Јетон Шаќири на свеченоста рече дека науката е таа што најдобро го покажува правецот во услови кога светската економија е посложена од кога било досега и кога има многу глобални предизвици, како енергетската и мигрантската криза, пандемијата, климатските промени итн.

– Владата и МОН ги променија политиките за да се унапреди научно-истражувачката дејност. Инвестициите во наука беа подолг период заборавена категорија. Ние ја вративме во буџетските ставки и обезбедувајќи зголемување на финансиските средства им дадовме повеќе можности на научните работници, рече Шаќири.

На свеченоста по повод седумдеценискиот јубилеј, Институтот додели пофалници на студенти кои магистрирале со највисок просек од претходниот јубилеј, како и благодарници на истакнати поединци од високото образование, науката и деловниот свет и на приватни компании и институции со кои имал успешна и долгогодишна соработка.

Покрај МОН, благодарница му беше доделена и на Министерството за внатрешни работи како признание за долгогодишна и успешна соработка во организирањето на работилницата „Финансирање на меѓународните организации: Искуства, можности и предизвици”.

Најнови вести