четврток, 9. ноември 2023. Вести денес: 0
home Вести

ЕМА: Ако некој починал откако бил вакциниран, не значи дека починал од вакцината

ЕМА: Ако некој починал откако бил вакциниран, не значи дека починал од вакцината
МИА

Европската агенција за лекови (ЕМА) вчера ја одржа својата редовна конференција за вакцините и лековите против ковид-19.

На конференцијата беше речено дека сите четири вакцини одобрени од Европската унија („Фајзер“, „Модерна“, „АстраЗенека“ и „Џонсон и Џонсон“) штитат од соевите кои во моментот циркулираат и дека тие особено штитат од посериозни форми на заболувања и хоспитализација.

Агенцијата соопшти дека континуирано ги следи мутациите на вирусот и нивното влијание врз ефикасноста на вакцините. Таа предупредува дека, со оглед на брзото ширење на варијантата делта, од исклучително значење е да се вакцинираат што повеќе луѓе.

Прелиминарните податоци укажуваат на тоа дека и двете дози на вакцината треба да се примат со цел да се постигне соодветна заштита од делта сојот.

Несакани ефекти – миокардитис и перикардитис

ЕМА соопшти дека здравствените работници и вакцинираните со вакцини „Comirnaty“ и „Spikevax“ („Фајзер“ и „Модерна“) треба да бидат свесни дека постои можност за развој на симптоми на миокардитис и перикардитис. Според достапните податоци, овие симптоми се обично лесни и по одмор и третман има подобрување на здравјето.

Фактот дека некој имал здравствени проблеми или починал по вакцинирањето не мора да значи дека причина за смртта била вакцината, според ЕМА. Ова може да биде предизвикано од други здравствени проблеми кои не се поврзани со вакцинирањето.

ЕМА и земјите-членки на Европската унија континуирано ги следат извештаите за несаканите реакции по вакцинацијата за да откријат нови безбедносни проблеми.

Нови методи на лекување

На конференцијата беше речено дека се потребни ефективни методи за лекување на заболени од ковид-19 за да се спасат нивните животи и да се стави пандемијата под контрола. ЕМА во моментов ја проценува употребата на „Олумиант“ кај хоспитализираните пациенти на кои им е потребен дополнителен кислород. Додава дека ги следи резултатите од четирите третмани со моноклонални антитела и нивните комбинации.

Агенцијата исто така соопшти дека го разгледува барањето за проширување на употребата на „Моредна“ на помлади лица, на возраст од 12 до 17 години и очекува заклучокот да биде донесен до крајот на следната недела.

Најнови вести