Здружението за еманципација, солидарност и еднаквост на жените бара наместо честитки и подароци по повод утрешниот Меѓународен ден на жената Владата да преземе конкретни мерки за надминување на родовиот јаз и надминување на проблемите со кои се соочуваат жените во повеќе области.
– По повод денешниот меѓународен ден на жената, сакаме да го привлечеме вниманието на општата и стручна јавност за нееднаквата положба на жените и да укажеме на неефективната правна заштита од семејното насилство, ограничените можности за вработување и недостиг на основни здравствени услуги со кои продолжуваат да се соочуваат жените во нашето општество. Затоа, за 8 Март 2022 година наместо подарок сакаме да посакаме „Свет без предрасуди, дискриминација и стереотипи. Свет кој е рамноправен, правичен и инклузивен. Свет во кој се ценат различностите. Свет кој ја слави родовата рамноправност”, велат од ЕСЕ.
Оттаму додаваат дека иако семејното насилство е законски регулирано од 2004 година, државата се уште не ја обезбедува бесплатната правна помош која е потребна за жените да можат да се заштитат од насилството и да ги решат правните проблеми со кои се соочуваат, како што се разводот на бракот, старателството, издршката врз децата, делбата на имотот итн.
-Отежната комуникација со институциите дополнително ја влошува состојбата на жените кои секојдневно зад затворените врати на домот трпат навреди, омаловажувања, вербални и физички напади, неодобрени сексуални односи, забрана за пристап до пари. Дури 70 отсто од жените што претрпеле семејно насилство не се информирани за можноста за користење на бесплатна правна помош во постапката за изрекување на привремени мерки за заштита и постапката за развод на брак, додека 55 отсто од нив не се задоволни од обезбедената стручна помош од ЦСР и Министерството за правда, велат од здружението.
Напоменуваат и дека ограничениот пристап до пазарот на труд и невработеноста, и во 2022 година остануваат клучните проблеми со кои се соочуваат жените во Северна Македонија.
– Петстотини дваесет и четири илјади жени од вкупниот број на работоспособни жени (842 илјади) се невработени или пак неактивни учесници на пазарот на труд. Најголем број на невработените жени се на возраст од 15 до 29 години и имаат комплетирано средно образование. Жените и во 2022 година се повеќе ангажирани во спроведување на неплатена работа во рамки на домаќинствата (нега, помош, итн.) или во производство на производи за сопствена употреба во споредба со мажите (88 отсто) или пак во обезбедување на здравствена и социјална заштита (78 отсто), велат од Здружението ЕСЕ.
Оттаму додаваат дека жените во Северна Македонија се уште се соочуваат со бариери во пристапот до основните здравствени услуги за женското здравје.
-Во 2022 година речиси половина од жените во Македонија немаат избрано матичен гинеколог поради тоа што во државата недостасуваат 130 матични гинеколози на примарно ниво, а во 40 општини нема ниту еден матичен гинеколог. Во Македонија се уште не се спроведува организиран скрининг за рак на грлото на матката и рак на дојката, двете најчести малигни заболувања на женските репродуктивни органи. Во 2020 година само 5,6 отсто од жените биле опфатени со скрининг на рак на грлото на матката, додека со скрининг на рак на дојка се опфатени поразителни 0,3 отсто од жените на возраст од 50 до 69 години, се вели во соопштението од ЕСЕ.
Поради тоа, се додава во него, секоја година животите ги губат 300 жени од рак на дојката и 40 жени од рак на грлото на матката. Животи кои можат да бидат спасени со спроведување на доследни скрининг програми.