Самиот кандидатски статус создава големи придобивки за народот. До европските пријатели во јавноста – Западен Балкан е дел од тој проект, Западен Балкан е географски, економски, културно и историски европски. Ги делите тие вредности, имате солидни партнери во НАТО и сте одлични билатерални партнери на САД, изјави Габриел Ескобар, заменик-помошникот на државниот секретар на Соединетите Американски Држави за европски и евроазиски прашања и специјален претставник за Западен Балкан на попладневната сесија на тема „Западен Балкан – управување на бродот во турбулентни времиња“ што се одржа во рамки на Преспа форумот за дијалог 2022.
Иако луѓето, како што посочи Ескобар, се фокусираат на конкретен процес во конкретна политичка рамка, има многу прогрес што се случува на други места преку трговски, билатерални канали, мултилатерални канали и во сите нив, како што рече, Западен Балкан успева.
Политиката на САД, како што нагласи, е да ги поттикнува, да ги поддржува сите иницијативи кои нè доближуваат до Европа и го зближуваат регионот.
Специјалниот претставник на Обединетото Кралство за Западен Балкан Стјуарт Пич нагласи оти е важно европскиот пат на регионот да продолжи и како Влада на Велика Британија, како што рече, го поддржуваат тоа.
– Не смееме да дозволиме политички спорови да станат безбедносни прашања, особено сега кога го видовме масовниот отпадок од руската инвазија и сега повеќе од кога и да не е не смееме да дозволиме безбедносни проблеми, потенцира Пич, додавајќи дека ќе продолжат да го поддржуваат евроатлантскиот пат на земјата преку финансирање на извозот.
Вицепремиерот задолжен за европски прашања Бојан Маричиќ посочи дека Западниот Балкан е се уште турбулентен регион, па, според него, не постои постојана мировна стабилност. Тој смета дека проширувањето на ЕУ е во криза, бидејќи последната членка е Хрватска која влезе пред девет години.
– Не знаеме кога ќе биде следното проширување, а политиката на проширување на ЕУ е најсупешна политика за стабилност, рече Маричиќ.
Според него, потребна ни е временска рамка за да се подготвиме со некои пречки како што е моќта на ветото.
– Што и да се случи следната седмица на јунскиот самитот и на следните самити со следните претседателства, важно е Западен Балкан да не биде збаоравен од ЕУ и НАТО. Да не се чувствуваме дека сме заборавени зашто знаеме дека третите земји дефинитивно ќе навлезат повеќе во регионот отколку сега. Ја знаеме руската политика во Западен Балкан, таа не е многу содржајна, но е многу јасна. Ние сакаме да ја победиме таа перцепција само со силни политики, рече Маричиќ.
– Додека Западен Балкан ги исполнува условите – владеење на правото, отворени и транспарентни пазари и инклузивност, ќе продолжиме со поддршката, рече Ескобар.