среда, 8. ноември 2023. Вести денес: 0
home Вести

ЕУ не нè прима, а власта знаела и молчела – сега веќе отворено се зборува за тоа

ЕУ не нè прима, а власта знаела и молчела – сега веќе отворено се зборува за тоа

Архитектурата на Европската Унија започна да се менува уште пред две години кога францускиот претседател Емануел Макрон рече дека е потребна нова методологија за проширување и дека тој лично замислува една поинаква Европа, коментираат домашните експерти со коишто разговараше Плусинфо откако вчера како бомба одекна информацијата што ја пласираше агенцијата Ројтерс дека ЕУ повеќе не му гарантира европска иднина на Западен Балкан.

Аналитичарите коментираат дека потегот на Унијата е очекуван со оглед на тоа што повеќе земји-членки јавно се противат на идејата за проширување на европското семејство, но од друга страна, пак, велат тие, немањето консензус за проширување истовремено значи и немање консензус против проширување.

Особено интересна е изјавата на министерката за одбрана Радмила Шекеринска, која, по само неколку часа по објавувањето на отрезнувачкиот текст на Ројтерс, рече дека ЕУ станала многу тешка за менаџирање и дека евентуалното проширување со уште пет или шест земји би создало дополнителен хаос во европското семејство.

Ништо подобра не беше ниту реакцијата на министерот за надворешни работи Бујар Османи, кој истакна дека пораката од ЕУ не е добра, но дека нема ништо ново во неа.

Веројатно оттука се создава и бесот кај претседателот на собраниската Комисија за надворешни работи, Антонио Милошоски, кој тврди дека Бујар Османи и премиерот Зоран Заев уште пред две години знаеле дека ЕУ не планира да ни ја отвори капијата, туку само ќе нè остави надвор и ќе ни чита приспивни песни за тоа колку е убаво внатре.

Сме знаеле, ама сме молчеле?
Милошоски вели дека министерот за надворешни работи Бујар Османи и премиерот Зоран Заев одамна биле информирани дека ЕУ ќе стисне кочница и ќе го блокира проширувањето.

Глупаво е сега да глумиме изненадени, бидејќи и јас самиот пред две години соопштив дека Бугарија не е единствената земја-членка на ЕУ која го блокира европскиот пат на Македонија, туку дека се противат уште три или четири други држави.

– Архитектурата на Европската Унија почна да се менува во истиот момент кога францускиот претседател Емануел Макрон пред две години рече дека е потребна нова методологија и дека тој лично замислува една поинаква Европа. Јас ве уверувам дека уште тогаш министерот за надворешни работи Бујар Османи и премиерот Зоран Заев знаеле како стојат работите во европското семејство и дека ќе дојде денот кога ЕУ јавно ќе каже дека ја крева рачната кочница и го стопира проширувањето. Глупаво е сега да глумиме изненадени, бидејќи и јас самиот пред две години соопштив дека Бугарија не е единствената земја-членка на ЕУ која го блокира европскиот пат на Македонија, туку дека се противат уште три или четири други држави. Но, тогаш власта ме обвинуваше дека ширам лажни вести – вели Милошоски.

Тој додава дека сега на Македонија не ѝ преостанува ништо друго освен да ги чека изборите во Франција, иако, како што вели, тамошните изборни резултати нема премногу да зависат од одлуката на ЕУ.

– Сега треба да ги чекаме изборите во Франција и да се надеваме дека тогаш ќе добиеме одговори на сите прашања. Секако, најдобро за нас би било доколку ЕУ попушти и ни го испорача тоа што ни го ветуваше, но сметам дека е многу тешко во брзо време да ни бидат исполнети соништата. Од друга страна, Франција си има своја јасна визија и идеја да се реформира Европската Унија и нема многу работи да се сменат во наша корист без разлика на тоа кој ќе победи на изборите. Како што реков, повеќе земји-членки се во прашање и тешко е да се постигне консензус – објаснува Милошоски.

Новинската агенција Ројтерс, повикувајќи се на четворица бриселски дипломати и интерен документ од Унијата, јасно наведе дека ЕУ веќе не може им даде гаранција за членство на шесте држави од Западен Блакан кои чекаат за влез, како што тоа досега го ветуваше. Ваквата позиција, како што јавува агенцијата, била изградена поради стравот на Брисел од политичките реакции во државите-членки.

– На претстојниот самит во Словенија, Европската Унија планираше да го повтори ветувањето од пред 18 години дека ќе даде недвосмислена поддршка за европската перспектива на земјите од Западен Балкан, наведено е во нацрт-декларацијата на Самитот, во кој агенцијата Ројтерс имала увид.

Притоа, се објаснува дека иако државите не ги откриваат своите позиции, земјите како Данска, Холандија и Франција стравуваат од брз влез на нови членки, како што тоа се случило во 2007 година со Романија и со Бугарија.

Пренесувајќи мислење од неименуван дипломат, Ројтерс пишува дека „ЕУ индиректно ги влошува тензиите во регионот кој сонува за влез во Унијата уште од крвавите војни во 1990 години“.

Немањето консензус не е крај на светот
Извршниот директор на Институтот Преспа, Андреја Стојковски, вели дека земјава можеби нема да биде ултра-членка на Унијата, но дека нашата иднина и понатаму останува да биде европска.

Европската Унија нема да се откаже од агендата за проширување, бидејќи не се откажува ниту од Солунската агенда.

– Без разлика на пишувањата на Ројтерс, Европската Унија нема да се откаже од агендата за проширување, бидејќи не се откажува ниту од Солунската агенда, а тоа е документ кој беше донесен во 2003 година и со кој беа дадени јасни гаранции за сигурна европска иднина на сите земји од Западен Балкан откако ќе ги исполнат потребните критериуми за членство. Тоа значи дека нашата земја можеби нема да биде ултра-членка на ЕУ, но значи дека иднината на Македонија е во Европа. И претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, вчера ја покани Македонија да учествува во конференцијата „Иднината на Европа“, а добро знаеме дека на таа конференција никогаш не учествуваат земји кои лабаво стојат на европското тло – рече Стојковски.

Тој смета дека немањето консензус помеѓу земјите-членки на Унијата не значи дека потполно ќе се стопира проширувањето на европското семејство.

– Факт е дека помеѓу земјите-членки на ЕУ не може да се постигне консензус во поглед на проширувањето на Унијата, но од друга страна, пак, не може да се постигне консензус и за целосно стопирање на проширувањето на Унијата. Јасен консензус не постои ниту од едната, ниту од другата страна. Тоа значи дека политиката нема да биде укината сè додека ЕУ зборува за проширување – објаснува Стојковски.

Не е ништо ново
Пораката од ЕУ не е добра, но убеден сум дека Унијата сè уште е посветена на членството на регионот во европското семејство и таа опција е без алтернатива, рече министерот за надворешни работи Бујар Османи во „Утрински брифинг“.

– Во подготовките на телата на ЕУ за заедничката декларација која треба да се усвои на Самитот во Брдо, Словенија, се појави дилемата дали овој самит е воопшто за проширување и дали зборот „проширување“ треба да стои во тој документ. Некои го интерпретираат како продолжување на евроскептицизмот на одредени држави, што не е ништо ново, други го интерперетираат повеќе во дефинирање на конкретниот самит, дали е самит на проширување или е самит во кој само се покажува фокусот на ЕУ кон Западниот Балкан. Која варијанта и да е, пораката не е добра, но не е ништо ново. Има земји-членки кои сметаат дека ЕУ претешко функционира за да може уште шест нови земји-членки да дојдат да се зачленат, да се закануваат со нивните права на вета, со нивните комесари – истакна Османи.

Според него, останува пораката дека Западен Балкан еден ден ќе биде дел од ЕУ и тоа е многу важно.

– Замислете ЕУ да каже дека нема понуда за членство на Западен Балкан. Сè додека доаѓа Урсула фон дер Лајен во Скопје и вели дека недвосмислена е поддршката, ние треба да продолжиме да работиме, да се покажеме, да се докажеме и да ги убедиме дека заслужуваме да бидеме таму – рече Османи.

ЕУ станува тешка за менаџирање
Министерката за одбрана, Радмила Шекеринска, признава дека Европската Унија во последно време станала многу тешка за менаџирање.

– Имало дилеми за сите проширувања, но сега точно е дека со сите нови земји-членки, Европската Унија стана многу потешка за менаџирање. Имате луѓе од главните градови кои велат: „Ако ние сега не можеме да постигнеме консензус по некои прашања, како ли ќе функционираме кога европското семејство ќе се прошири за уште пет или шест земји од Западен Балкан?!“ И навистина, сега е многу тешко од сите земји-членки да се постигне целосна согласност за некое прашање, а нормално и очекувано е дека работите ќе станат потешки и покомплицирани ако во европското семејство се приклучи цел Западен Балкан – вели Шекеринска.

Таа објаснува дека нашата задача сега е да продолжиме да работиме со поддржувачите на проширувањето на Унијата.

– Ние сега треба да продолжиме да работиме со поддржувачите на проширувањето, но и да им даваме аргументи на оние кои се против проширување на Унијата. На критичарите треба да им докажеме дека грешат и постојано да зборуваме за тоа колку проширувањето на европското семејство е важно за целиот регион – рече Шекеринска.

Недовршена работа
Не е изненадување тоа што Европската Унија не е согласна околу давањето гаранција за членство на балканската шесторка во европското семејство, но изненадување е тоа што повеќе не е тајна дека проширувањето на ЕУ е забранет збор кај некои земји-членки, смета српската вицепремиерка задолжена за европски интеграции, Сузана Грубјешиќ.

Веќе не е чудно што жителите на Западен Балкан имаат сè помалку верба дека ЕУ ќе го исполни тоа што го ветила пред 20 години.

Сузана Грубјешиќ, српска вицепремиерка задолжена за европски прашања за агенцијата Танјуг вели дека сега веќе не е чудно што жителите на Западен Балкан имаат сè помалку верба дека ЕУ ќе го исполни тоа што го ветила пред 20 години.

– Информацијата што ја објави Ројтерс не е изненадувачка, но изненадувачки е тоа што повеќе никој не се обидува да сокрие дека проширувањето е забранет поим во некои земји-членки. Ниту овој Самит на Западен Балкан, исто како и двата претходни во Софија и во Загреб, не може да понуди ништо повеќе од европска перспектива или некоја друга слична фраза без содржина – вели Грубјешиќ.

Таа додава дека интеграцијата на Западен Балкан останува недовршена работа.

– Не треба да нè чуди фактот дека народот и граѓаните од Западен Балкан ја губат довербата во ЕУ и не очекуваат таа да ги исполни ветувањата што ги даде пред две децении. Интеграцијата на Западен Балкан останува недовршена работа, а самата ЕУ претставува поим за разочарување – заклучи Грубјешиќ.

Визниот режим виси на конец?
Германија, Франција и Италија се гневни за „злоупотребата“ на визниот режим од страна на граѓани на земјите од Западен Балкан, како и на трите земји од Источното партнерство, кои бараат исто така формално членство во ЕУ, објави утрово „ЕУ Обсервер“.

Ова е дел од интерен документ во кој ЕУ Обсервер имал увид и во кој се истакнува дека слободниот визен режим со земјите од Западен Балкан, Молдавија, Грузија и Украина повторно се доведува во прашање, јавува дописничката на МИА од Брисел.

Пред неколку дена Франција најави заострување на визниот режим, бидејќи, како што велат оттаму, проблемот лежи во барањата за азил од Албанија, Србија и од Грузија, додека Германија се жали на барањата за азил од Албанија и од другите три земји од Источното партнерство.

Според „ЕУ Обсервер“, Македонците би можеле да ѝ претставуваат проблем на Белгија каде што ова лето скокнал бројот на барањата за азил од Македонија.

Најнови вести