Прилепската фабрика „Еурокомпозит“ доби вршител на должноста директор, а синдикатот на компанијата протестите ги стави во мирување до четврток до кога е најавено вработените да добијат плата.
Гоце Јагуриноски, вршителот на должноста директор на „Еурокомпозит“ изјави дека е назначен од Управниот одбор до одржувањето на акционерското собрание во втората половина на мај. Дотогаш тој ќе биде потписник на сметката и ќе може да се исплати плата.
– Од Управниот одбор сум назначен за вршител на должноста директор до одржувањето на акционерското собрание и до изборот на нов директор, по 21 мај. Ќе бидам потписник на сметката и да се исплати плата на вработените. Покрај тоа, ќе се следи и проблематиката која ја работи компанијата, заедно со производството и извозот. Разговарав со синдикатот и вработените кои сакаат прво да добијат плата, па да работат. ветувањето е до четврток да се исплати плата, па да продолжи процесот на работа. Прифатено е протестите да се стават во мирување до четврток, рече Јагуриноски кој беше дел од вработените кои штрајкуваа.
Според Јагуриноски постои надеж да се реши состојбата за шест месеци до кога е договорено со владата да се најде стратегиски инвеститор.
<- Остануваат уште четири месеци и јас сакам да бидам оптимист за решението за компанијата. Едно од најбитните прашања за вработените е да се исплати заостанатото за пензискиот стаж. Во фабриката има само еден договор, склучен со МВР од пред три години. Според тоа, треба да се сработи и да се испорача. Малку има работа и во цивилното производство, вели Јагуриноски.
За Јагуриноски решение треба да се бара во два правца.
– Едното е склучување договори со двете министерства, МО и МВР, да ги опслужува, а другото, да се намали бројот на вработените како технолошки вишок, а останатите да бидат сервис за потребите на институциите, смета Јагуриноски.
Синдикатот на „Еуркомпозит“ потврдува дека протестите се во мирување до четврток и ако не се исплати плата, в петок продолжуваат соп блокади на патиштата.
МИА