Според податоците и истражувањата на Сеизмолошката опсерваторија при Природно-математичкиот факултет на УКИМ во Скопје, периодот на повторување на силен земјотрес во скопското епицентрално подрачје, е 500 години, што укажува дека при градењето во овој град треба да се имаат предвид техничките карактеристики на тлото, како и неопходноста од проекти со асеизмички дизајн за интензитет од IX степени според Европската макросеизмичка скала ЕМС-1998, потсетува раководителката на оваа Опсерваторија, Драгана Черних по повод годишнината од катастрофалниот земјотрес.
Черних, во текстот „57 години од земјотресот во Скопје – никој не посакува ваква катастрофа“, потсетува дека природата често е непредвидлива и може да предизвика катастрофи од големи размери, а земјотресот е природна појава која не може да се предвиди.
Земјотресот во Скопје е еден од тие природни катастрофи, кој се случи на денешен ден во 1963 година, во 5 часот и 17 минути, со Рихтерова магнитуда 6.1 и интензитет од IX степени според Европската макросеизмичка скала, кога загинаа 1070, а беа тешко повредени над 3.300 лица и беше почувствуван на целиот Балкански Полуостров.
– Територијата на нашата држава се наоѓа во сеизмички активно, односно трусно подрачје, каде што во последното столетие веќе се случиле неколку катастрофални земјотреси, како што беа и земјотресите и во Пехчево 1904 г. и во Валандово 1931 г, стои во текстот од Сеизмолошката опсерваторија во Скопје, која е и првата сеизмолошка инстуција во земјава, основана во 1957 година и која е единствената сеизмолошка станица што работела во времето на скопскиот катастрофален земјотрес.
Денес, Сеизмолошката опсерваторија при Природно-математичкиот факултет во Скопје, е единствена институција во Република Македонија која е задолжена да ја одржува сеизмолошката мрежа на Републиката, да врши постојано набљудување и научна анализа на целокупната сеизмичка активност на територијата на Републиката и пограничните подрачја.
Таа, додава раководителката Черних, одржува мрежа на постојани сеизмолошки станици телеметриски поврзани (во Скопје, Валандово, Охрид, Штип и Пехчево), современо опремени чии податоци пристигнуваат во Опсерваторијата во Скопје во реално време, овозможувајќи брзо одредување на параметрите на земјотресот што е многу важно во случај на почувствуван земјотрес на територијата на Република Северна Македонија и пограничните региони.