Најниската сума што компаниите оваа година треба да им ја исплатата на своите вработени како регрес за годишен одмор се искачи на 10.700 денари. Растот на К-15 го предизвика зголемувањето на просечната нето плата во државата и покрај кризата предизвикана од ковид-19, објавува ВечерПрес.
Оваа сума според Колективниот договор за стопанството од приватниот сектор на сметките на работниците кои во иста компанија работеле најмалку шест месеци во текот на оваа календарска година треба да легне најдоцна до 31 декември. Фирмите кои нема да го исплатат регресот ризикуваат да бидат казнети.
Но, како што најавува претседателот на Организацијата на работодавачи на Македонија Ангел Димитров, некои наскоро може да бидат ослободени од овој финансиски товар. Тој информира дека во тек се преговори со Сојузот на синдикатите на Македонија за измени на Колективниот договор со кои само за оваа година, поради кризата предизвикана од пандемијата, би им се дозволило на некои фирми воопшто да не го исплатат регресот.
-Ние сме во преговори со ССМ за одредени допрецизирања на Општиот колективен договор со решенија само за оваа 2020 година да може да не се исплати К-15. Треба да утврдиме критериуми за тоа, но тие треба да бидат мерливи. Следната недела имаме состанок со ССМ за тоа, па ќе видиме, вели Димитров.
Тој очекува дека синдикалците ќе имаат слух за ова ситуација, зашто знаат дека има фирми кои не можеа да исплатат ниту плата.