Фондот за здравствено осигурување вчера им соопшти на матичните лекари дека за да му издадат на пациентот рецепт ќе мора да одат кај него со здравствена книшка, електронска картичка, документ за идентификација.
Со ова умира електронското здравство, лекарите стануваат писари, а пациентите се малтретираат, коментираат матичните лекари.
Ова задолжување од ФЗО потпишано од двајцата директори Ден Дончев и Орхан Демири, следи и покрај ветувањата дека администрацијата за лекарите ќе се намали. Или лекарите помалку ќе пишуваат повеќе ќе им се посветат на пациентите. Сега со овие измени пациентот кај матичниот лекар ќе треба да оди со сета документација, иако истата матичните ја имаат електронски.
-Сега се бара осигуреникот за да добие здравствена услуга да носи се со себе, а на пациентите матичниот доктор кој ги води им го знае и бројот на кондури да речеме. Секој доктор за пациентот си ја има целата документација и знае се, револтирано коментира докторка.
И додека претходниот министер за здравство Арбен Таравари изјави дека не треба ниту здравствена книшка, ниту електронска картица, и оти може само со лична карта и пасош да оди на лекар и осигуреникот да добие здравствена услуга, сега се бара пациентот да носи се со себе.
-Сега со оваа наредба од менаџерскиот тим на Фондот се враќаме во времето од пред 9 години кога во здравствена легитимација им се запишуваше секоја посета на доктор, терапијата, боледувањата. И наместо ветувањето за намалување на административната работа во примарно здравство да се реализира надлежните не враќаат само назад, коментира докторка.
Според фелата ова покажува неспособност да се реализира изборната програмата, како и да се затскрие фармацевтската криминална мафија. И сето тоа се прави на грбот на докторите.
-Со ова наместо напредување на електронското здравство, тоа умира, коментираат докторите. Дел од докторите информираат дека во тек се подготовки за да се реагира до надлежните.