И покрај последното од трите ветувања на Венко Филипче дадени на 24.04 2020 година дека проектот за патронажните сестри ќе продолжи, тој се прекинува од понеделник 24.05.2020 година, дознава КУРИР.
Повеќе од 100-тина медицински сестри остануваат на улица без објаснување зошто?
-Шест месеци уверуваат дека проектот освен предвидените месеци ќе продолжи подолго и сите тие 100 медицински сестри низ цела Македонија не бараа работа за време на пандемијата со коронавирусот. Кому да се верува дека нас договорите за вработувања ни се продолжени кога истите завршиле во април годинава? А од 1-ви мај ние продолжуваме на работните места без никаков документ, раскажува за КУРИР нашиот извор.
Медицинската сестра во името на сите прашува: „Дали зборот на министерот не е доволен, за да на крајот ние останеме на улица и здравствените домови каде што сме вработени да не ни ги продолжи договорите?“
-Каде заглави ветувањето, во Министерството за финансии, во Владата или пак во самото здравство? Зарем сите тие можат да си играат со животите на околу 100 медицински сестри? Зарем ние не сме потребни во време на оваа криза во која министерот им аплаудираше на нас здравствените работници?, револтирано прашува медицинската сестра.
Таа вели и дека овие медицински сестри остануваат буквално на улица иако во оваа изолација и најпожртвуваност беа до крајот на своите работни места и на висина на својата задача во време на пандемијата.
Инаку, во јуни 2019 година Министерството за здравство објави оглас за јавен повик за сите медицински сестри кои се заинтересирани за работа во службите на патронажната дејност да се јават на конкурсот. Условите кои се бараа беа да се има завршено средно или вишо медицинско образование со положен стручен испит, а министерот за здравство поради комплексноста на овие договори и заинтересираноста на јавноста дури три пати на прес-конференции вети дека истите лица нема да останат на улица и договорите ќе им бидат продолжени.
Преку овој проект во Скопје се вработија 48 медицински сестри и 10 лекари и уште 50 медицински сестри низ целата земја со што вкупниот број поминува повеќе од 100 лица. Ќе остане ли Македонија без медицински персонал за време на најголемата пандемија и во исчекувањето на вториот бран на коронавируост во светот останува да видиме.