Од Јавното обвинителство на почетокот на месец октомври соопштија дека со вештачењето се утврдува дека пожарот настанал како последица од електрична куса врска преку висок преоден отпор во приклучниот кабел на дефибрилатор со кој се вршела реанимација на пациент во една од болничките соби. Прегревањето на кабелот предизвикало палење во приклучната кутија од продолжителниот кабел на кој бил приклучен дефибрилаторот, полнач за мобилен телефон и уште еден апарат.
Заев откако го проследи Извештајот, одлучи да не ги прифати понудените оставки на Филипче и Хасани.
„Нема причини да се лоцира политичка или менаџерска одговорност кај министерот Венко Филипче и заменик министерот Илир Хасани, кои од морални причини поднесоа оставки. За евентуалните грешки причинети од човечки фактор ќе се произнесат надлежните органи“, изјави Заев, додавајќи оти им ја дава довербата да продолжат да го водат здравствениот систем.
Заев на истата изјава за медиуми на 05.10.2021 наведе дека модуларните болници се направени во вонредни услови, во ек на пандемија и оти тие не се замислени да бидат вгарадени со кислород.
„Тие се градени без системи за кислород или слично. Кога доаѓа третиот бран се вградени самите системи за кислород и верувам тоа е веќе познато на самата јавност, посочи Заев“.
Катастрофалната несреќа се случи на 8 септември 2021 кога животот го загубија 14 граѓани.
Според опозицијата модуларните болници не се направени според стандардите кои треба, затоа во Тетово изгоре за помалку од три минути.
Лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, преку Фејсбук реагираше на одлуката на премиерот, Зоран Заев, да не ги прифати понудените оставките од министерот и заменик-министерот за здравство, а поврзани со пожарот во модуларната болница во Тетово во кој загинаат 14 лица.
„Како човек никогаш нема да прифатам дека за смртта на 14 луѓе во Тетово може да биде виновен кабел или нечиј полнач за телефон, без да има одговорност за нефункционирањето на системот за кој министерот и заменик-министерот се директно одговорни за животите на пациентите во болницата. Заев треба да престане да се надева дека ќе веруваме во неговите глупости кои имаат јасна цел – да ја сокријат објективната вина, негова и на неговите министри“, напиша Мицкоски.
Тој, јавно упати неколку прашања како тоа премиерот Заев дозволил таква инсталација во болницата и немање на противпожарни апарати, кој воопшто дозволил опасни боци на кислород во необезбедена болница и кој дозволил роднини на пациенти и други цивили во болницата.
„И кој друг ако не министерот, заменикот-министер и самата Влада е одговорна за животот на пациентите. Кажете и јавно на јавноста дека Заев и Ахмети здружено, како и за други тендери, се договориле никој да не одговора. Како човек ми е тешко што главни теми во нашата земја се нечие отсуство на морал и чувство за одговорност, што се прашања за кои не треба да дебатираме и треба да бидат основни вредности кои политичарите треба да ги бранат, а не да ги рушат. Јас верувам во мојот народ. Сигурен сум и дека народот знае како да постапи и заедно да ги заштитиме вредностите во кои веруваме и да бидеме силата на промените кои сакаме да ги видиме“, напиша Мицкоски на социјалните мрежи на 05.10.2021 година.
Првиот вицепремиер и министер за политички систем Артан Груби смета дека според Извештајот на Обвинителството за причините за пожарот во модуларната болница во Тетово на 8 септември во кој загинаа 14 луѓе, очигледно е дека министерот и заменик-министерот за здравство немаат никаква одговорност за трагичниот настан.
„Го прочитав Извештајот и очигледно станува збор за несреќен, трагичен случај и очигледно е дека истрагата го потврди тоа во што се сомневавме дека се работи за трагичен настан во кој, за жал, загинаа многу наши сограѓани, изјави Груби на 05.10.2021 година.
Првиот човек на АА, Зијадин Села, наведе пет причини за кои рече дека одговорноста треба да ја преземат Владата, Општина Тетово и дирекцијата на болницата.
„Па, за него Филипче е поважен од утехата што треба да ја имаат семејствата на 14-те жртви живи запалени, а тој излегува и ни кажува денеска дека ниту министерот за здравство, ниту заменик-министерот, ниту директорот, ниту градоначалничката на Општина Тетово, имаат каква било одговорност. И знаете каде ќе бара одговорноста овој валкан човек. Ќе се обидува да бара кај оние што со месо и душа се обидуваат да им помогнат на пациентите, на медицинскиот персонал во Тетово кои немаат никаква вина“, рече Зијадин Села во изјава за медиуми на 05.10.2021 година.
За скандалозната одлука на премиерот Зоран Заев со цел да се прикрие вината на министерот за здравство Венко Филипче ја осудија и граѓаните. Граѓаните преку социјални мрежи бараа сите од власта да одговараат за катастрофалната несреќа која што се случи на 8-ми спетември во Тетово, а го загубија 14 граѓани животот.