недела, 14. април 2024. Вести денес: 0
home Вести

Филипче очекува до крајот на летото да имаме колективен имунитет

Филипче очекува до крајот на летото да имаме колективен имунитет

До крајот на летото верувам дека ќе се постигне процент на вакцинирани за кој можеме да кажеме дека е колективен имунитет, вели министерот за здравство Венко Филипче.

Според неговата изјава, очекувањата се дека ќе се вакцинираат околу 600 000, односно половина од полнолетните граѓани во земјава.

„Мислам дека до крајот на летото голема бројка граѓани ќе бидат вакцинирани. Во овој момент се вакцинирани нешто под 300 000 граѓани. Со оваа следна количина која доаѓа тоа се уште 300 000 граѓани. Тоа ќе бидат вкупно 600 000 граѓани, 50 проценти од вкупната популација која имаме идеја дека треба да се вакцинира. Тука ги исклучуваме децата. Така што до крајот на летото верувам дека ќе се постигне процент на вакцинирани за кој можеме да кажеме дека е колективен имунитет“, изјави Филипче.

Следната количина за преостанатите 300 000 граѓани кои треба да се вакцинираат за да се постигне прагот од 50 проценти, која ја споменува министерот, е веќе најавеното пристигнувањето на 600 000 дози – 100 000 од „Фајзер“ и 500 000 „Синовак“.

„Нашиот план е да се даваат некаде околу 15-20 000 вакцини на ден. Сега во овој период кога ги очекуваме големите количини на вакцини, вкупно 600 000 веќе е направен планот за тоа како ќе се распределат согласно бројот на пријавени граѓани по градови и пунктови. Во големите осум пункта каде што има фрижидери на минус 80 степени ќе бидат вакцини на ‘Фајзер’, а во другите вакцините на ’Синовак‘, затоа што тие се чуваат на температура од 2 до 8 степени“, вели Филипче.

Меѓутоа, иако со најавената голема количина ќе има вакцини за уште 300 000 граѓани, прашање е дали сите ќе се искористат. Од пријавените на веб-платформата vakcinacija.mk, вакцина чекаат уште 180 000 граѓани. Филипче апелираше и останатите граѓани да се пријават бидејќи тоа е најлесниот начин да се дојде до вакцина, а најави и интензивна кампања за вакцинација и план за теренска имунизација.

Најнови вести