Со пцовки, погрдни зборови, но и физички, екипата на ТВ 24 беше нападната додека снимаше инсерти пред куќата во која според официјалните документи е пријавено престојувалиштето, на контроверзниот украински олигарх Олександр Онишченко.
Сопственикот на куќата извесен Миле од скопско Пржино најпрво со недолично однесување и одговори на барањето на екипата за изјава, а потоа и физички го нападна снимателот Љубиша Игнатов, кој сите инсерти ги снимаше надвор од неговиот имот.
За инцидентот е известено министерството за внатрешни работи од каде велат дека веднаш по пријавата се преземени мерки за расчистување на случајот.
– Веднаш по добиената пријава, СВР Скопје презема соодветни мерки и активности за расчистување на случајот. Веднаш по расчистувањето соодветно ќе ја известиме јавноста.
Од Здружението на новинари Македонија баратат МВР и ОЈО треба итно да ги истражат и процесираат со цел да ги казнат оние кјои го прекршуваат законот.
– ЗНМ бара од МВР да спроведе брза и ефикасна истрага во интерес на пронаоѓање и санкционирање на напаѓачот. ЗНМ веднаш контактираше и со Скопското јавно обвиителство со обвинителката Искра Хаџи Василева која е назначена за предмети поврзани со напади врз медиумски работници за понатамошно процесирање на случајот. ЗНМ ќе ја следи истрагата и ќе инсистира одговорност од страна на лицето кое физички го нападнал колегата снимател Игнатов и го спречил физички да ја изврши својата работа, велат од ЗНМ.
Синдикатот пак им даде рок до утре на институциите да го решат случајот.
– За да докажеме како заедница дека новинарската работа е јевн интерес МВР и Обвинителството треба да го разрешат овој случај најдоцна до утреза да може судката власт да остане доследна на правдата кон новинарите и медиумските работници. Само брзо решавање на овие случаи и казнивост кон напаѓачите како и подобрување на законските решенија ќе не спаси нас од бруталните напади со кои се соочуваме секојдневно на улиците, онлајн па дури и во домовите, велат од ССНМ.
Куќата 28 б на улица Пржино стана јавен интерес откако во јавноста се обелодени дека Украинецот Онишченко живеалиштето го регистрирал таму за да добие македонски пасош и покрај тоа што е на црната листа на САД, а во неговата родна земја се бара за перење пари.