Еколошкото друштво „Здравец“ од Македонска Каменица и Водостопанската подружница „Брегалница“ од Кочани во наредниот период ќе реализираат партнерски проект за чистење на акумулацијата Калиманци од пластичен и тврд отпад.
На работен состанок што денеска се одржа во просториите на Општина Македонска Каменица, а на кој покрај градоначалникот и неговите колеги од Берово и Пехчево, присуствуваа и претставници од граѓанскиот сектор и од стопански субјекти, беше формиран Координативен одбор за спроведување на активностите.
-Наша цел е да најдеме трајно решение против загадувањето со пластичен и тврд отпад на езерото Калиманци, кое е едно од најголемите во источниот регион, а што главно го донесуваат двете најголеми реки, Брегалница и Каменичка Река. Досега работевме на подигање на јавната свест кај граѓаните да не ги загадуваат речните корита, но резултатите се минимални. Имавме и четири акции за чистење на околината на вештачкото езеро, при што само во една од нив собравме над десет илјади парчиња пластични шишиња и амбалажа, како и друг отпад. Неопходно е да се најде долгорочно решение за проблемот што има еколошки и естетски последици, но има влијание и во функционалноста на хидросистемот, истакна Миран Митревски, претседател на еколошкото друштво „Здравец“.
Водостопанската подружница „Брегалница“, која стопанисува со акумулацијата Калиманци, дава целосна поддршка за активностите на екологистите да се реализираат заедничките цели за одржливост на животната средина и за нормално функционирање на системот за наводнување на земјоделските површини во регионот.
-Пластичниот и друг тврд отпад во водите на езерото се реален проблем со кој нашите вработени се соочуваат со години наназад, особено што големи количини се собираат кај преградниот ѕид на браната и ја загрозуваат безбедноста, но и функционирањето на хидроелектраната. Заедно со граѓанските активисти, со четирите локалните самоуправи од пијанечко-малешевскиот крај, како и со стопанските субјекти и други институции ќе работиме на проект што треба да даде ефикасно решение против загадувањето, истакна Благојчо Богатинов, раководител на Водостопанската подружница „Брегалница“.
Претставници на локалните стопански субјекти дадоа поддршка на иницијативата и изразија подготвеност да обезбедат материјална, финансиска и друг вид помош, при што побараа да се изготви соодветен акциски план што ќе ги вклучи очекуваните трошоци, начинот на справување со собраниот отпад и роковите за реализација на активностите.
На состанокот на Координативниот одбор беше најавено дека во план е наскоро да се организира помасовна акција за собирање на пластичниот отпад од браната Калиманци, што ќе претставува промоција на проектот што ќе се реализира на долг рок.