Уште на 8-ми и 9-ти февруари оваа година завршило уредувањето на ентериерот во клубот „Ванчо Михајлов“ во Битола, кој поради институционални и законски пропусти успеал да понесе име на соработник и штитеник на усташкиот лидер Анте Павелиќ од Втората светска војна и НДХ, пренесува Телма.
Свеченото отворање на клубот во саботата предизвика реакции на вознемиреност поради непочитување на чувствата на припадниците на македонскиот народ. На манифестацијата беа присутни повеќе бугарски политичари, како и радикални опозиционери од Бугарија, а во Битола беше и бугарскиот премиер Кирил Петков.
Во февруари во клубот биле поставени слики од Ванчо Михајлов, Тодор Александров, Владо Черноземски, Мара Бунева и други контроверзни фигури од историјата помеѓу двете светски војни.
Од дејците кои се залагале и бореле за слобода на Македонија, во клубот се ставени и фотографии од Гоце Делчев и Даме Груев, како што може да се види од фотографиите кои се објавени на ФБ профилот на клубот Ванчо Михајлов.
Најспорна е сликата од цитат на Михајлов од неговото негаторско обраќање за македонците кое го напишал во 1983-та година во Рим, на 80-годишнината од Илинденското востание и на 90 години од формирањето на ВМРО.
Од тој запис во кој Михајлов пишува таканаречената македонска нација, на ѕидот во клубот во Битола стои цитат:
-Можеме да се гордееме, бидејќи знамињата на ВМРО и на Илинден беа и остануваат човековите права и слободата. Значи, залудни се напорите на маскираната (измислената) македонска „нација“ да го лаже светот. Вистината ќе победи.
– Ваш: Ив. Михајлов
Клубот Ванчо Михајлов инаку е регистриран во 2019-та година, а институциите се оправдуваат дека дозволата била дадена бидеќи не постоела забрана за користење на името на Ванчо Михајлов и покрај неговата соработка со фашистички режим во Втората светска војна.