„Станавме дел од Владата не заради страст кон власт, туку поради државата кога таа беше во грч, кога стануваше збор за нејзината стабилност по неуспешниот обид за формирање на ново мнозинство и нови избори. Во состојба на закана по стабилноста и европската перспектива ја донесовме одлуката имајќи ги предвид и очекувањата на нашите пријатели од меѓународната заедница и на браќата Албанци од регионот. Знаевме дека плаќаме висока цена, но подобро да преживее Рим, а не Цезар“, рече лидерот Африм Гаши во обраќањето на Првиот конгрес на Алтернатива.
Конгресот на кој учествуваат околу 600 делегати и во присуство на други политичари и дипломати, започна со свечен дел и обраќања на претседателот на партијата, Африм Гаши, генералниот секретар, Беким Сали, Сафие Садики од Форумот на жени на Алтернатива, како и Афан Елези од партискиот Младински форум.
Во своето обраќање Гаши се наврати на почетоците и формирањето на партијата и рече дека пристапувањето во политиката е поттикнато од интелектуална и морална должност за свој придонес за добро на државата.
„Приоритет над приоритетите, е интеграцијата. Иако ние се викаме Алтернатива, интеграцијата нема алтернатива. Тоа е и поводот зошто баравме и советувавме дека преговорите со Република Бугарија треба да се преместат од темата на толкување на историјата во толкување на иднината, на развојот и соработката, така што утре историјата ќе не запамети како европски соседи кои некогаш знаеле да се помагаат меѓу себе за доброто на нивните граѓани”, рече Гаши.
Меѓу приоритетите, претседателот Гаши ги наведе и обезбедувањето правда бидејќи без правда, без правна држава, нема ни кохезија, ни внатрешна доверба, ни функционална држава, ниту европски аспирации. Меѓу главните заложби ги наведе и економскиот развој и растот на платите сразмерно на потребите на граѓаните, како и изборен модел кој што ќе биде израз на вистинската демократска волја.
„Затоа од денес за нас не постојат ниту предавници ниту патриоти. Секоја партија има своја програма, свој гласач, свој лидершип и, можеби, своја кауза. Ние ќе соработуваме или ќе одбиеме да соработуваме засновајќи се само врз вредностите во кои ние веруваме, а за кои зборував претходно. Ние не сме страна на судир, ниту на навреда, ниту на омаловажување. Ако некој сака да најде страна кај Алтернатива, таа е страната која зборува за своите вредности на конзервативната десница, за државата, за нацијата, за јазикот, за семејството, за културното наследство, за националниот и религискиот идентитет и т.н. Кој верува во овие вредности, може да смета на партнерството на Алтернатива. Кој не верува во овие вредности, и да има поволна понуда за власт, Алтернатива ќе му биде опонент”, рече Гаши.
Свое обраќање во отворениот дел од Конгресот имаше и генералниот секретар на партијата, Беким Сали кој истакна дека во Алтернатива членовите и раководството секогаш се таму каде што бараат обврските, а не онаму каде би имале личен интерес.
„Мојата Алтернатива ме предизвика со одговорност да оставиме позитивен белег во здравствениот сектор. И, без да сакам да го узурпирам просторот на овој Конгрес, сакам да ви кажам дека ние сме целосно посветени и насочени кон радикално подобрување на системот. Градењето на новиот клинички центар ќе биде работа којашто можеби нема да заврши во нашиот мандат, но доколку успееме да го започнеме – секако со поддршка од сите парламентарни политички партии – ќе биде голема победа за целото наше општество и остварување на сонот на многу генерации. Затоа, побарав од партијата да има разбирање и да ме ослободи од партиските обврски за да им се посветам на професионалните обврски”, рече Сали.
Улогата на жените во партијата, како и зачувувањето на семејството се меѓу највисоките заложби на раководството и членството на Алтернатива, како што истакна во своето обраќање претставничката на Форумот на жени и пратеничка во Собранието на Македонија, Сафие Садики.
„Иако немаме законска обврска, нашиот претседател побара во секоја структура на партијата, почнувајќи од подограноците, најмалку 30% да бидат жени. Бидејќи верувам дека ова не се случува секаде, сакам да му се заблагодарам на претседателот за просторот што ни го даде и со гордост сакам да ви кажам дека Алтернатива е партија без родова пристрасност”, истакна Садики од Форумот на жени во својот говор пред присутните на Конгресот.
Алтернатива не само што им даде простор на младите, туку таа е и младинска партија, истакна претставникот на Младинскиот форум, Афан Елези во обраќањето потенцирајќи дека присуството на младите во партијата никогаш не беше само украс и бројка, туку реална содржина.
„Ние сме на политичката сцена, во Владата сме и денеска сме тука да посведочиме за нашата работа и присуство, дека наместо да бегаме, ние мора да се бориме. Знам дека е многу тешко да се постигне ова. Знам дека автобусите секојдневно ја напуштаат земјата со млади луѓе кои не гледаат перспектива овде. Но, знам и дека никој од Европа нема да дојде да ни отвори работни места, благосостојба, развој и подобар квалитет на живот. Ова е наша домашна задача и треба сами да ја сработиме. Всушност, тука се мери нашето знаење, потенцијал и посветеност”, рече Елези.
По свечениот дел, Конгресот продолжи со работниот дел на кој што делегатите ќе треба да дискутираат и ќе гласаат за избор на нов претседател и нов состав на Централниот совет на партијата.
Во изјава за медиумите пред работниоте дел на Когресот, лидерот на партијата Африм Гаши одговори дека Алтернатива не е за предвремени избори, туку за завршување на бројни обврски и ветувања дадени за државата и пред граѓаните.
„Откако влеговме во Влдата не е соодветно да сакаме да излеземе, а да не ги одработиме поставените задачи. Не е исто 100 дена на половина од мандат на една Влада. Ја разбирам опозицијата, тоа е нивно право и нормална стратегија. И ние кога бевме во опозицијата баравме избори. За избори сепак, потребни се 61 глас во Собранието“, рече Гаши.