Република Македонија направи стратешка грешка со потпишувањето на договорот за добрососедство и соработка со Република Бугарија каде се ставивме во несиметрична позиција со Република Бугарија, изјави Марјан Ѓорчев, поранешен амбасадор во Република Бугарија, во вечерашното гостување во „Тема на денот“ на Сител Телевизија.
„Трите клучни проблематични точки се тоа што власта го прифати терминот на заедничка историја, несиметрија со тоа што Бугарија може да се меша за малцинството Бугари во Македонија а ние немаме право да се мешаме и власта ја прифати фуснотата согласно Уставот на Република Македонија и Република Бугарија“, рече Ѓорчев
Ѓорчев додаде дека ова што го прави Република Бугарија кон нас е нивен внатрешен политички дискурс и нивна геополитика.
„Потребно е нашите европски прашања да си ги решаваме внатре во Македонија бидејќи тоа е наша домашна работа и потребно е ние да ја донесеме Европа кај нас. Со подобар животен стандард, подобра економија, афирмација на македонската култура и вредности, македонски вредносен систем и заложба за младите да имаат подобар стандард само вака ние ќе може да се бориме“, посочи Ѓорчев