Областа Дебарска Жупа се наоѓа од десната страна на реката Црни Дрим, сместена меѓу двата краја на Дебарското Езеро, во прегратките на планината Стогово. Областа е поделена на Горна и Долна Жупа со околу 7000 жители. А само Долна Жупа околу 5000 жители. Долна Жупа е составена од селата Мал и Голем Папрадник, Баланци, Броштица, Горенци, Оџовци, Бајрамовци, Црнобуци, и Житинани со Вапа. Долна Жупа ја населуваат Македонци христијани и Македонци муслимани, албанизирани торбеши и Албанци. Во селата на Долна Жупа се зборува на локален и карактеристичен македонски народен говор, на говорот на Македонците муслимани од овој крај. Само во селото Баланци поголемиот дел зборуваат на албански јазик и еден мал дел од селото Житинани дома зборуваат на турски јазик.
Како училишен педагог во ЦОУ„ Моша Пијаде’-Центар Жупа, во периодот на 80-те години на минатиот век, извршив испитување на говорот во Долна Дебарска Жупа и јазикот на кој зборуваат жителите од тој крај, несомнено е дека тоа е македонски, мајчин јазик, кој се употребува во потесната и пошироката општествена средина.
Со моето испитување во училиштето ЦОУ„Моша Пијаде“ Центар Жупа, во учебната 1987/1988 година ( на 30.09.1988г. објавен во весникот „Просветен работник“, на
тема „Локализми во говорниот чин на наставникот“), во однос на (не) употребата на литературниот јазик во наставната практика, поточно за употребата на некои локализми односно дијалектички црти на говорот на наставниците и учениците во Долна Дебарска Жупа. Во овој контекст би ги истакнал некои карактеристични локални-дијалектни зборови, односно зборови кои потекнуваат од старословенскиот јазик.
Имено некои именки: чоек, цуце, кундри, шкала, свешта и др.наместо: човек, девојче, чевли, скала, свеќа итн.
Глаголи: ичини, чакај, чуам, , прајш, ојш, и др., наместо: направи, чекај, чувам, правиш, одиш и сл.
Заменки:није, мије, вије, тије,, наместо: ние, вие, тие,
Помошен глагол: ести, сти, наместо: e
Додаток за место:угоре, наместо:нагоре, за време: енипати – наместо: понекогаш, за начин:помара- наместо:помалку.
Од напред наведеното локалниот јазик, односно говорните дијалекти во Долна Дебарска Жупа потекнуваат од старословенскиот јазик. Пример: зборот чекај со изговор на е заменет е со а останал да се изговара чакај. Овој збор потекнува од старословенскиот јазик, бидејќи тој збор на истиот начин се изговара во словенечкиот литературен јазик. Зборот ести се употребува наместо е ( „Тој чоек ести мал“). Поради употребата на овој збор сите Македонци муслимани од Долна Дебарска Жупа се нарекувале со името естовци.
Се ова доволно говори за употребата на македонскиот говорен јазик на населението во Долна Дебарска Жупа. И не само во овој регион, истиот македонски говорен јазик е и во Реканскиот дел, Голо Брдо во Република Албанија, каде што немилосрдно покрај бугарската пропаганда делуваат и други пропаганди во негирање дека постојат македонци во овие краишта.
На крај би завршил и би заклучил со зборовите на Крсте Петков Мисирков: „ Да се откажит, једен народ от својот јазик, се велит, да се откажит он и от сам себе, и својте интереси, се велит, да престанит да гледат на себе, со свој очи, да судит за себе и за друзите со својот ум и разум а да чекат укажуање за се от страна. Једен народ, кој шчо изгубил својот јазик, мјасат на еден чоек кој шчо изгубил патот и незнајет от кај идет и кај одит, и кој шчо незнајет зашчо одит ваму а не таму…“.
Ѓорѓи Илиевски
Виш просветен инспектор