Денес сме на протест организиран од страна на Рестораните за организирани настани и ноќните клубови со цел да изразиме незадоволство од 5тиот пакет мерки во кој сме целосно заборавени и заедно со останатите комплементарни дејности – музичари, фотографи, студија за декорации, слаткарници, цвеќарници, шминкери и модни дизајнери, да испратиме апел до Владата, изјави на денешниот протест на угостителите во населбата Автокоманда, Перица Голомеиќ, сопственик на ресторанот Рагуза360.
– Премиерот Заев, презентирајќи го 5тиот пакет мерки, во мерката број 8 презентираше помош во износ од 1,3 милиони евра за транспортни компании за патници кои имаат 50% пад од ланскиот промет затоа што како што кажа – го парафразирам, државата директно ја ограничи со мерки нивната дејност и работење. Па зарем кај нас ситуацијата е поинаква ? Ние немаме ограничување во дејноста, ние имаме забрана за вршење на нашата примарна дејност за која сме ги отвориле објектите и доколку работиме треба кривично да одговараме, н ие 5 месеци од сопствени средства пуштаме плати за нашите вработени ( државата ни помогна 6 месеци). 11 месеци од сопствени средства плаќаме камати на кредити, кирии, комунални трошоци, осигурување, обезбедување и останати режиски трошоци, посочи тој.
– Бараме да работиме под најригорозни протоколи! Поради тоа Владата треба итно да го укине членот 14 од Уредбата излезена во Службен весник на 23.06.2020 со која цитирам “се забранува организирање на секаков вид настани ( свадби, крштевки, родендени), во отворен и затворен дел од објектот”. Ние сме категоризирани објекти за организирани настани, располагаме со големи капацитети и имаме можност да спроведеме организиран настан на кој што би се запазиле сите веќе усвоени протоколи според кои функционираат останатите A la carte ресторани, вели Голомеиќ.
Апелираме на донесување на протокол со временска динамика кој е од исклучително значење за идните младоженци но и за нас и сите комплементарни дејности. Споредбено со регионот, ние сме единствена земја која не доби протокол за организирани настани цела година а поддршката субвенционирање на плати и придонеси, како и еднократниот грант е убедливо најниска директна помош во нашиот сектор во регионот. Бараме Владата за нас рестораните за организирани настани и ноќните клубови да направи посебен пакет на мерки и да не гледа како субјекти кои точно една година се 100% погодени од ковид пандемијата. Потенцирам, ние сме единствените субјекти на кои им е забранета примарната дејност од првиот ден на пандемијата и за жал покрај сите дописи и состаноци со Владата не наидовме на слух од другата страна. Делумната помош во плати и еднократниот грант со максимален износ од 10.000 евра не е ни приближно доволен за сервисирање на тековните комунални трошоци за нашите големи објекти како и за кириите и кредитите за истите.Почитувани, да повториме уште еднаш, ние не работиме затоа што Владата ни има дадено забрана за вршење на нашата примарна дејност и поради тоа треба да ни помогне финансиски да ја надминеме пандемијата се до моментот додека повторно не почнеме да работиме, дециден е Голомеиќ.
Ние будно ја следиме епидемиолошката состојба во државата и сме свесни за моменталната состојба. Поради тоа во првата фаза не бараме да ни се дозволи да организираме “традиционална македонска свадба” и единствено бараме да можеме да работиме под истите услови и протоколи како и останатите a la carte ресторани. Овие барања се од суштинско значење за нашиот опстанок имајќи го сезонскиот карактер на нашата дејност. Бидејќи не добивме позитивен одговор и нашите барања искажани на минатонеделниот прес не се усвоени, денеска сме на протест овде и во Гостивар а веќе идната недела почнувајќи од понеделник 22.02.2021, ќе одржуваме протести во континуитет во Скопје и во други градови се додека не се усвојат нашите барања во целост, заврши тој.