Ние како земја кандидат, без почнати преговори со ЕУ, имаме право да сметаме дека овој предлог на Европската Унија е неприличен, штетен за Македонија по нејзините национални и државни интереси, изјави поранешниот амбасадор Марјан Ѓорчев за „Вести плус„ на Канал 5.
Тој истакна дека меѓународната соработка е нужна, но нашите ставови се познати дека за култура, за историја, да бидеме доследни кон сите, но дискусија за тоа не може да биде предмет.
– Јасно е дека ова се беспредметни дебати. Што има да дава гаранција некоја држава за тоа дека нема да има повеќе дебата за историја. Историјата не смее да биде предмет во преговарачката рамка, како што не може да биде ни образованието, ни културата, а сите тие одредби се во Договорот со Бугарија и се на некој начин противречни со стандардите за пристапување во ЕУ, рече Ѓорчев.
Тој истакна дека европската интеграција е процес во кој космополитизмот, наднационалната политика е важно, но тоа не треба да биде по цена на нешто што претставува наука, колективна меморија и откажување од образованието на идните поколенија.
Во однос на манифестот на власта, тој рече дека требаше да се појави пред да се прифати било каков предлог, а сега е доцна.
– Манифестот требаше да биде објавен уште во февруари 2022 кога требаше да седнат сите политички партии за тоа каква рамка ни треба. Сега е доцна, сега се изострени политичките ставови на клучните политички субјекти, позиција и опозиција и така да сега манифестот е задоцнет и излишен. Црвените линии бе изгласани во Резолуцијата која беше изгласана во Собранието и таму јасно стои дека не може да се разговара за историја, култура и образование, а токму договорот за соработка и добрососедство кој не е за добрососедство кој беше злоупотребен од бугарска страна со ветата и во него се работи за тие теми, истакна Ѓорчев.
Според него за консензус е потребно да се седне пред било кој предлог од меѓународната заедница или пред било кое важно прашање.