Градинарите од неколку здруженија од струмичко предупредуваат дека залихите кај преработувачите од пиперката „куртовска капија“ од ланската реколта може да предизвикаат проблеми за пласман на годинашново прозводство, рече денеска Драги Памуков од Здружението на земјоделци „Кукла градинар“ од село Куклиш.
Според него, иако годинава површините засеани со оваа култура се намалени за 10 отсто во споредба со лани, лесно може да се случи да нема интерес за оваа пиперка, за која бербата треба да почне во средината на август.
– Залихата што ја имаат од лани преработувачите нам ќе ни создаде проблеми. Затоа јавно ги повикуваме надлежните државни институции и преработувачите заеднички да седнеме пред сезоната и да ја разгледаме состојбата за да дојдеме до еден општоприфатлив заклучок како да функционираме во екот на бербата на „куртовската капија“, истакна Памуков.
Според него, годинава производството на оваа сорта пиперка е намалено за 10 илјади тони во споредба со лани кога родот тежел скоро 60 илјади тони. Од вкупното производство преработувачите обично откупуваат околу 40-45 илјади тони, а околу пет до 10 илјади тони остануваат како вишок на производство.