четврток, 23. ноември 2023. Вести денес: 0
home Вести

Граѓаните губат доверба во правосудниот систем- правдата недостижна

Граѓаните губат доверба во правосудниот систем- правдата недостижна

Одложени судски рочишта, откажување на адвокати од застапување, поротници со истечен мандат, преквалификување на судски предмети, нејасни судски пресуди, непостапување по допрен глас од страна на јавното обвинителство, роднински врски, јавни обвинители замешани во криминал, распределени предмети кај судии послушници на премиерот Зоран Заев, избор на судии и јавни обвинители блиски до власта на СДСМ… Ова се само дел од причините за губење на довербата на граѓаните во правосудниот систем.

Иако, власта и на претходните парламентарни избори во 2016 година ветуваше реформи во правосудниот систем, денес после 4 години гледаме дека довербата на граѓаните не само што не се враќа во судските органи, туку и се продлабочува, бидејќи како што велат познавачите на правото, најавениот ветинг од страна на Зоран Заев и СДСМ нема да се случи, а дури и да се случи тоа ќе значи само ветинг по нарачка на судии и обвинители кои не се блиски до власта.

Дека системот е трул и дека власта нема желба да ја врати правната држава покажуваат и судската опомена за градоначалникот на Шуто Оризари од СДСМ, Курто Дудуш за напад на лице, преквалификација на делото на градоначалникот на Ново Село, Боро Стојчев од СДСМ за шверц на цигари, дури и селективната правда за случајот Рекет, непостапувањето на јавното обвинителство за случајот на бившиот директор на фондот за здравствено осигурување Ден Дончев за добивање на 50.000 евра од австриската фирма преку фирма од Муртино, па се до обвинението за Рекет во која првоосомничен беше Бојан Јовановски и поранешната обвинителка Катица Јанева.

За тоа дека јавното обвинителство и судовите не постапуваат согласно законите и има политичко влијание говори и фактот дека по пресудата за Бојан Јовановски и Катица Јанева, Јовановски порача дека изнудените пари треба да се бараат кај браќата Вице и Зоран Заев. Јавното обвинителство исто така не постапува и по допрен глас кога опозициската ВМРО-ДПМНЕ во неколку наврати обелоденува скандали поврзани со високи владини функционери.

Една од главните работи кои Македонија мора да ги направи пред да започне преговори со Европската унија е токму реформа во правосудниот систем, кој наместо да е независен и непристрасен, тој е во директна спрега со власта. Според голем број на експерти ова само ја враќа Македонија од и тоа како долгиот пат кон Европската унија. Последен случај кој што фрла дамка во непристрасноста, професионалноста и независноста на судството е токму судската одлука за Наташа Димитриевска, жена која во сообраќајна несреќа кај Млечен, го изгуби сопругот, а прекина и нејзината бременост. Сторителот доби само условна казна од две години.

Законот ќе важи подеднакво за сите, е само една обична изрека, која премиерот Заев често ја употребува. Но, во реалноста гледаме дека наместо за сите, законот важи само за обичните граѓани, додека мафијата царува во судството и јавното обвинителство, а правдата станува се по недостижна.

Најнови вести