понеделник, 6. ноември 2023. Вести денес: 0
home Вести

Граѓаните кои живеат околу Дрисла незадоволни од работата на депонијата, најавија блокади доколку не бидат исполнети нивните барања

Граѓаните кои живеат околу Дрисла незадоволни од работата на депонијата, најавија блокади доколку не бидат исполнети нивните барања

Граѓаните кои живеат во населената места во близина на депонијата Дрисла се незадоволни од нејзината локација, тие велат дека и претходно протестирале, но тие не вродиле со плод. Љубе Јаневски, еден од незадоволните граѓани кажа дека оваа депонија е причина за зголемен број на случаи на болни од рак во местата што се блиску до депонијата.

-Со таа депонија сега си имаме големи проблеми. При секое движење на камионите полни со смет, без разлика дали доаѓаат од град Скопје или доаѓаат од околните села. Со самото движење камионите за собирање на сметот не се погодни за тоа и како се движат по асфалтот течат разни течности и хемикалии, изјави Јаневски.

Тој вели дека тоа е причина за непријатна миризба и побара за носење на сметот да се користат возила кои ќе бидат добро затворени како не би доаѓало до овој проблем. Тие бараат од градоначалниците на градот Скопје и општина Кисела Вода, Петре Шилегов и Филип Темелковски, да се реши проблемот.

-Ако градоначалникот Шилегов не преземе ништо, ние ќе се организираме, сите околни места, ќе направиме протест и ќе ги блокираме патиштата. Ова што се прави сега е неиздржливо, во околните места, особено Пинтија, Батинци, Љубош, според некои информации има поголем број на случаи заболени од карцином, изјави Јаневски.

Инаку, општина Струга избра и компании за транспорт на сметот од дивата депонија во нивниот град која подолго време претставува опасност по нивните животи право во Дрисла. Сепак, оваа одлука не наиде на големо задоволство кај граѓаните кои се незадоволни од локацијата на Дрисла.

За 40-тина дена ќе биде транспортиран сметот од струшката дива депонија до скопска Дрисла.

Општина Струга на јавен тендер избра компании кои ќе ги постават контејнерите, ќе го пренесат сметот и целосно ќе ја конзервираат постоечката депонија. Активностите на депонијата ќе започнат за некој ден, а целата постапка ќе чини околу 400 илјади евра.

Околу начинот на управување со депонијата Дрисла реагираше и Ирена Попова од ВМРО-ДПМНЕ. Таа пред четири дена кажа дека криминалниот картел на власт го претвораат Скопје во голема депонија. Отпадот од повеќе градови од државата ќе се носи во Скопје, со што се загрозува животната средина и здравјето на скопјани.

–Во скопската депонија Дрисла во моментов се транспортира ѓубре од Тетово, а истото се планира и со сметот од општина Струга. Дрисла не може и не смее да биде депонија каде ќе се носи отпад од цела држава. Тука се работи за тони и тони дополнителен отпад кој е во распаѓање и е исклучително штетен, како за животната средина, така и за здравјето на граѓаните. Скопјани не го заслужуваат тоа. Со ваквиот начин на управување на Дрисла, Скопје со сигурност ќе го дише најзагадениот воздух во државата. Квалитетот на воздухот нема да се подобрува, туку ќе се влошува. СДСМ пред изборите не им кажа на граѓаните дека планира од Дрисла да направи депонија за целата држава, истакна таа.

Попова потенцира дека СДСМ ги излажа скопјани.

-Во предизборната кампања едно од главните ветувања поради кое ја доби довербата на жителите на град Скопје беа ветувањата на чист град и чистиот воздух. Граѓаните чекаат одговори, дали Градот Скопје дозволи носење на сметот од депонијата во Струга во Дрисла? Дали позади ова се крие некаков бизнис интерес? Со оглед дека сметот ќе се подигнува во овој момент само од општини кои се под контрола на ДУИ дали ова е предмет на некој коалициски договор на СДСМ-ДУИ? Потенцираме дека Скопје не смее да стане главна депонија во Република Македонија. ВМРО-ДПМНЕ бара картелот на власт и Градот Скопје да се откажат од замислата од Дрисла да прават депонија за цела држава. Скопјани сакаат чисто Скопје. Скопјани заслужуваат здрава животна средина и чист воздух. Никој не смее да си поигрува со здравјето на граѓаните, порача таа.

Најнови вести