Граѓанската иницијатива „Учебници и настава мора да има“ од денеска до четврток во подрачни одделенија на Државната изборна комисија во Скопје и Битола одново ќе собира потписи за да се иницира референдум, за граѓаните да се изјаснат за Предлог-законот за учебници и наставни материјали во основното и средното образование, откако во Собранието минатата недела не беше прифатена нивната иницијатива зашто потписите не биле собрани согласно со Законот за референдум.
Собраниската Комисија за политички систем и Законодавно-правната комисија во средата заклучија дека нивната иницијатива е неуредна зашто не е поднесена во форма предвидена во членовите 66 и 70 од Законот за референдум односно потписите не се собрани пред овластена институција каде што во работно време треба да се потпишат и треба печат од институцијата.
Иницијаторите кои дејствуваат здружени во фејсбук-група соопштија дека поднеле барање до ДИК за отворање изборни органи за собирање на првите 100 потписи од граѓани потребни за да се оформи предлог за инициирање референдум на државно ниво, што ќе го поднесат повторно во Собранието. Согласно автентично толкување на Законот, потписите на граѓаните се даваат на образец пред органот на државната управа, односно подрачните одделенија на ДИК, надлежни за евиденција на избирачкото право, во работното време.
-За таа цел, отворени за собирање потписи ќе бидат Подрачно одделение Центар (за општините Центар и Аеродром) и Подрачно одделение Битола (за општините Битола, Новаци и Могила), во деновите 25, 26 и 27 мај од 8.30 до 16.30 часот, информираат од Граѓанската иницијатива.
Кога ќе го достават предлогот за иницирање референдум во Собранието, надлежните комисии во рок од два дена треба да донесат одлука за уредноста. Доколку е уредно поднесена, постапката продолжува понатаму – двете комисии упатуваат извештај до претседателот на Собранието. За да се предложи референдум, доволни се сто граѓански потписи, а потоа иницијативата треба да се потврди со 10 000 потписи по што надлежните органи треба да распишат референдум на државно ниво.
Граѓанската иницијатива „Учебници и настава мора да има“ бара да запре постапката за новиот закон за учебници зашто не се согласува со целосно отфрлање на печатените учебници, како и со други најавени реформи во образованието. Повикуваа на бојкот на наставата и бараа средба со МОН која заврши без заклучок и во отсуство на ресорната министерка Мила Царовска. Претставничката на иницијативата Драгана Спасевска во изјавите за медиумите посочи дека нивната фејсбук-група има 70 000 приврзаници и дека се „гласот на родителите“ кои се противат на реформи што не се во интерес на нивните деца.
Според Предлог-законот за учебници и наставни материјали во основното и средното образование, од учебната 2021/2022 година ќе бидат воведени дигитални учебници, најпрво во четврто одделение, а во наредните години и во погорните одделенија, како и во средното образование. Според предлог-законот, учениците до трето одделение ќе продолжат да учат од печатени (хартиени) учебници. (МИА)