сабота, 18. ноември 2023. Вести денес: 0
home Вести

Грчките медиуми со нескриено задоволство известуваат за неофицијалните резултати во Македонија

Грчките медиуми со нескриено задоволство известуваат за неофицијалните резултати во Македонија

„С. Македонија: Владејачката партија на Заев победник на парламентарните избори“; „Избори трилер во Скопје“; „С. Македонија: Зоран Заев победник на парламентарните избори“; „Избори во Скопје: Зоран Заев победник со мала разлика“; „Мала предност за партијата на Заев“; „Изборен трилер со мало водство на Заев“, се дел од насловите во грчките медиуми, во текстовите објавени во текот на ноќта и рано утрово, а посветени на изборите кај нас.

Грчките медиуми со нескриено задоволство и еуфорија известуваат за првичните резултати во Македонија, исто како и пред зиборите кога заземаа страна и посакуваа победа на Заев и СДСМ заради Преспанскиот договор и неговата натамошна судбина.

Медиумите кај јужниот сосед, акцентот го ставаат на тесната битка меѓу СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, на излезноста, за која коментираат дека е мала, но сепак солидна во период на епидемија, ги пренесуваат изјавите на Зоран Заев, а го споменуваат и проблемот со интернет страницата на Државната изборна комисија.

Грчката новинска агенција АНА-МПА, во текстот што го преземаа речиси сите онлајн изданија на медиумите, пишува дека СДСМ е победник на изборите, со мала разлика, а според проценките не е можен пресврт во резултатите.

Паралелно, го пренесува и распоредот на силите и додава дека во новото Собрание влегуваат и „левичарската партија Левица и Демократската партија на Албанците (ДПА)“.

Онлајн изданието на весникот „Прото тема“, освен што го пренесува распоредот на силите, како и изјавата на Зоран Заев, коментира дека „и Атина и Брисел со особен интерес ги очекуваат изборните резултати“ .

-Јасно е дека Атина не посакува победа на ВМРО-ДПМНЕ. Тоа би значело дека земјата одново би го сменила тонот, присвојувајќи националистичка реторика. Но, дури и да загубеше Зоран Заев, поништување на Договорот од Преспа не би било возможно. Дури и да сакаше ВМРО-ДПМНЕ да го измени Уставот во прашањето за името на земјата, освен тоа што тоа го забранува Договорот од Преспа, практично е невозможно поради политичките корелации, пишува „Прото тема“.

Најнови вести