Се радувам што светот го препознава значењето на спортот во животот на сите, но мора да признаеме дека спортот стана и еден од главните бизниси во светот. Стана област во која се концентрира многу моќ, пари, бизнис интереси. А каде што има моќ, пари, бизнис интереси има корупција, има уривање на принципите на интегритет. И од таа причина е важно секоја држава да има системски пристап во регулацијата на спортот, чија првенствена задача е да ја истакне компетитивноста, спортскиот дух, здравиот живот, дружењето, порача вицепремиерката задолжена за политики за добро владеење, Славица Грковска во своето обраќање на 17-та Конференција на Совет на Европа на министрите одговорни за спорт, што се одржува во Анталија, Турција.
Таа нагласи дека се почестите случаи на корупција, допинг, вознемирувања и судири на интереси се дијаметрално спротивни на начелата за интегритет во спортот.
-Корупцијата во спортот е слична како и во секоја друга област. Може да биде пасивна и активна, во облик на поткупување, изнудување, уцена и перење пари, може да се манифестира во мал обем па се до мултинационаленен организиран криминал. Меѓутоа постои и корупција која се однесува само на спортот. А тоа е манипулација со натпревари. Како земја ја препознавме заканата, преземавме конкретни чекори и во рамките на оваа Конференција ја потпишавме Конвенцијата на Совет на Европа за манипулација со спортските натпревари, нагласи вицепремиерката Грковска.
Таа информираше дека преку конкретни иницијативи, Владата е фокусирана на детектирање на сите слабости и недостатоци во спортот и нагласи дека начелата по кои се водиме во креирање на нашите политики се всушност трите главни стратешки приоритети на кои се темели Стратегијата на Советот на Европа за стратешки приоритети во спортот 2022-2025.
-Морам да нагласам дека особено сум горда на воспоставената соработка со Совет на Европа, поточно со Проширен договор за спорт (ЕПАС). Со особена почит и внимание ги очекувам заклучоците и предлозите на тимот експерти од ЕПАС од спроведената евалуација и скен на спортот во Република Северна Македонија. Тој извештај ќе биде основа за концептот на следните активности на мојот Кабинет“, додаде вицепремиерката Грковска. (МИА)