Аналитичарот и металуршки инженер Виктор Грозданов во својата последна колумна насловена „Обединети гробари – против ЕУ и НАТО“, ја повика министерката за животна средина на ТВ дуел.
Тој неколку пати досега во своите написи истакна дека рударството може да биде иднината на македонската економија и се противи на блокирањето на инвестициите во овој сектор, како што е онаа во рудникот за бакар „Иловица-Штука“. Грозданов дури сподели и дека еколошките активисти кои велат „Стоп за рудници на смртта“ се неискрени во намерите и ги нарече „Зелена мафија“.
-За жал денес Македонија е заложник на ликови, како што е и министерката Шукова, која за жал, не само што од рудници не знае ни „р“ туку како по Павлов рефлекс е анпасан против рудници. И тој свој став упорно го брани по медиуми. А јас не би бил Виктор ако не би сакал на ТВ дуел ем да ја критикувам ем да и помогнам да не тресе зелени. Не заради друго, туку заради тоа што им посакувам добрина и на моите, но и на сите други деца во Македонија“, пишува Грозданов.
Тој додаде дека е подготвен, како што вели, во интерес на иднината на сите граѓани да и ги расветли сите нејзини и заблуди на нејзината Влада, која под притисок на лажни еко активисти се пишманила.
„Нека избере ТВ станица која ја покрива терестријално целата територија на Македонија, нека дојде ако треба и со сите вработени во министерството, а јас ќе дојдам сам. Ама со книгата на Ванчо Чифлиганец под рамо. Да поразговараме за рударството во минатото, сегашноста и иднината на Македонија и за нејзината компарација за рудниците дека се тешка металична индустрија. Еве од старт најавувам каде ќе ја критикувам. Прво ќе почнеме со 8-те стадиуми за отворање на рудник. Нека знае каде ќе ја потфатам на прва. Баш за 8-от. За пошумувањето на рудникот. Нека собере храброст и нека повели. За другите делови само сум разочаран една министерка за животна средина да не ја разбира следнава поента на Иво Андриќ: „Чудно е колку малку ни е потребно да бидеме среќни и уште почудно е како баш тоа малку недостасува“, напиша Грозданов.
Металуршкиот инженер во своите претходни колумни нагласи дека еко-активистите свесно и намерно шират лаги за проектот „Иловица-Штука“, но тука воедно го впери прстот и кон министерката Шукова.
„Во рударскиот комплекс Иловица-Штука ќе имало брана за хидројаловиште висока 280 метри. Пак уште еднаш соопштува целосно невистините информации. Сите рудници кои сакаат да работат во Македонија преминаа на сува јаловина без употреба на вода, уште пред 3(три) години. Значи нема брана“, потенцира Грозданов.