Апсолутно нема простор за паника кај граѓаните што ја примиле првата доза на вакцината против ковид на „Астра Зенека“, бидејќи ова е една од најквалитетните и најбезбедните вакцини, вели проф.д-р Александра Грозданова од Националната техничка група за ковид-19 вакцинација во вечерашната дебата на „360 степени“.
-Вакцината на Астра Зенека е прва авторизирана и лиценцирана вакцина против ковид уште во декември 2020 година. Само за информација за граѓаните, на територијата на Велика Британија дадени се повеќе од 11 милиони дози од оваа вакцина, а на вкупната територијата на Европската унија тоа се веројатно повеќе од 20 милиони дози, вели таа.
Во врска со одлуката оваа вакцина засега да не се дава на лица помлади од 60 години, Грозданова влеи дека станува збор за претпазливост.
„Нормално е кога вакцината се користи во милионски дози да се најдат и луѓе кои ќе реагираат на ваков начин, кои ќе имаат несакани реакции. Она што денеска го слушнавме од германското регулаторно тело е дека препорачуваат за оние кои се под 60 години и веќе ја примиле првата доза на ‘Астра Зенека’ да не се ревакцинираат со истата, туку ревакцината да се направи со некоја од другите вакцини со мРНА како ‘Фајзер’ и ‘Модерна’. Но, ова сепак останува само во рамки на препорака“, истакна докторката, пренесе 360 степени.