Масовен протест е закажан денеска во Охрид по повод отворањето на уште еден бугарски клуб кој ќе носи име на историска личност од фашистичката окупација од Бугарија на Македонија.
Бугарскиот клуб Цар Борис Трети е втор, по отворањето на клубот Ванчо Михајлов во Битола, кој исто така предизвика револт кај Македонците и македонските граѓани. Именувањето на бугарски клубови со личности кои не донеле ништо добро предизвикува револт кај македонскиот народ, а уште повеќе од тоа што актуелната власт во Македонија не реагира на овие провокации.
– Да го зачуваме достоинството на македонската нација и споменот на македонските антифашистички борци и да не дозволиме рушење на интегритетот на државата, повикува партијата Левица, која е организатор на протестот и го нарече Цар Борис Трети „бугарски Хитлер“.
И ВМРО-ДПМНЕ го поддржа денешниот протест.
За Христијан Мицкоски, претседател на ВМРО-ДПМНЕ, денешното отворање на новиот бугарски културен клуб Цар Борис Трети е провокација и повика на масовен протест во Охрид. Опозицискиот лидер сепак им порача на граѓаните да протестираат достоинствено и мирно.
– Дека е провокација, не е сомнено. Груба провокација, резултат на тоа што ние како ВМРО го зборуваме цело време. Не станува збор за процес на интеграција, туку на асимилација, за уништување на македонскиот идентитет. Ова што денеска се случува е шокантно за Македонците, но и за Евреите. Тука не гледам никаква потврда Договорот за пријателство да го нарекуваме вака. Тоа што го прават бугарската Влада и добрососедство, нема никаква врска со пријателство, рече Мицкоски.
Oтворањето на клубот го осуди и Еврејската заедница во Македонија, која овој акт го нарече „повампирување на ликови од фашистичкиот период на Бугарија“.
Министерство за надворешни работи, на чие чело е Бујар Османи, повика на „зрело и достоинствено однесување“ на протестот, без „да се негираат правата и слободите на другите“.
– По повод најавеното отворање на новото здружение на граѓани во Охрид, како и јавните повици за изразување на протест против истото, Министерството за надворешни работи на РС Македонија упатува апел до сите граѓани, политички и неполитички групации за зрело и достоинствено однесување, втемелено врз почитта кон правото на сите граѓани, без разлика на својата етничка припадност, да ја остваруваат својата уставно загарантирана слобода на здружување и за слободно изразување на својот став, објави вчера МНР.