Никола Груевски по денешното рочиште изјави дека судот за него спроведува работи кои се далеку од вообичаената пракса, а кои не се спроведуваат ниту за најголемите убијци и терористи.
-Вчера судијата одлучи да го продолжи процесот вон работното време и го тераше рочиштето до 18:30 часот . За мене не е проблем да останам колку треба и до 20 и до 24. Во овој случај имаме ситуација кога за никого друг не се останува после работното време, буквално за никого, ниту за најголеми убијци и терористи секогаш судењата завршуваат најдоцна околу 15 часот. Само во случаите каде што сум јас, како вчера имаме пролонгирање додека не ја заврши замислената обврска. Што е најинтересно можеби најиронично, истиот пар на судии што вчера направи на некој начин еден скандал со продолжување на рочиштето вон работното време е пар на судии кои што го суди Заев и му закажува на месец ипол, два и за 15 минути завршува се. Така што навистина се поапсурдно станува целата оваа работа поврзана со СЈО и со судството. Очигледно е дека судиите имаат добиено политичка агенда и мора да ја исполнуваат, истакна Груевски.
Тој посочи и дека на вчерашното рочиште на случајот со набавката на блиндираниот „Мерцедес“, имало тројца сведоци предложени од СЈО, кои сведочеле целосно во корист на обвинетите и ги демантирале наводите на СЈО.
-Вчера слушнавме од сведоците дека целата постапка за набавениот „Мерцедес“ била согласно закон, дека никој не и вршел никаков притисок на комисијата која што одлучувала за набавката, никој од обвинетите и дека практично се било согласно закон што е спротивно на наводите што СЈО ги кажа. Исто така самите сведоци укажаа на неопходноста на нужноста на набавка на такво возило, на недостатокот на такви возила, на тоа дека и преостаните две кои што ги имале се стари, произведени околу ’96-та година, дека често пати ги оставале ВИП гостите на сред пат некаде низ Македонија па морале или да праќаат друго возило блиндирано доколку има на располагање или да ги возат во небезбедно возило. Уште поинтересно беше што сведокот кој што практично е раководител на компанијата која што го продава возилото укажа дека за прв пат во неговата кариера односно во сиве овие години на постоење на нашата држава, за прв пат ваков вид на возило, безбедносно, блиндирано, заштитено, државата го набавила со тендер затоа што законот овозможува ова возило да не се набавува со тендер, туку во директна спогодба помеѓу државната институција и фирмата која што го набавува што укажува дека доколку било кој сакал да направи некакви неправилности или да оставари некаква цел, Министерството за внатрешни работи имало можност тоа да го направи и да набави возило какво сака, од кого сака и по цена што ќе ја договори директно без тендер. Но тоа не го направило, вели Груевски.
Тој додаде дека наспроти дадената можност во законот, МВР отворило јавна постапка што уште еднаш покажува за какви апсурдни обвинувања и судења станува збор и со какви апсурди се соочувале во овој суд кој, како што рече, сѐ повеќе прераснува во суд на апсурдот.