Поранешниот премиер Никола Груевски по завршувањето на денешното рочиште за предметот „Тенк“ се пожали дека и денеска судењето траеше по завршување на работното време.
– И денеска, иако не толку како што во претходни прилики што се случуваше судењата да траат по 11 часа, Судот надвор од работното време го продолжи судењето без да образложи зошто е тоа потребно, затоа што случајот нема ниту итност, ниту е сложен, а ниту има притворени, што пак не е случај и со други други личности во овој Суд, рече Груевски.
Според него, сите 11 сведоци денеска сведочеле во полза на одбраната и во исправноста на она што тие го тврдат.
– Ова е бесмислен и апсурден предмет, кој е дел од политичкиот прогон врз мене лично и врз моите соработници, истакна Груевски.
Смета дека денешното сведочење на сведоците е релевантно, затоа што тие се стручни лица кои во детали одговориле на нападите на обвинителството.
Во „Тенк“ обвинети се поранешниот премиер Никола Груевски, поранешната министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска и поранешниот помошник министер во МВР Ѓоко Поповски за набавката на луксузниот мерцедес од 600 илјади евра.
Следното рочиште за „Тенк“ е закажано за 23 април кога искази треба да дадат нови сведоци, меѓу кои и Дејан Митревски – Урко.