По три години и шест месеци затворска казна добија Ејуп Алими и Исмет Гури, од ДУИ обвинети во случајот „Титаник 3“. На нив во Кривичен суд им се судеше по вторпат, откако еднаш, Апелација ја укина пресудата.
Судијката Марија Клетничка ги прогласи за виновни Алими и Гури бидејќи уништувале изборни материјали на локалните избори во 2013 година во Чаир. Тие ги преправале точните резултати на гласовите, па така за ДУИ конечните резултати растеле, на ДПА и на ВМРО-ДПМНЕ се намалувале. Овие резултати биле пратени во Државната изборна комисија со цел да станат конечни, но не им успеало.
И денешната пресуда на Основниот кривичен суд не е правосилна односно странките имаат право на жалба до Апелација која овој пат ќе треба да одлучи мериторно.
Ова е прва пресуда за некои поранешни или актуелни функционери од редовите на ДУИ во предметите на поранешното СЈО.
Гури во моментов е заменик-управник во УЈП, а Алими државен советник во Министерството за политички системи и односи меѓу заедниците со кое раководи првиот вицепремиер Артан Груби.