„Така е напишано од Бог. Јас да бидам тој кој ќе спаси уште луѓе после мене. Му благодарам на Бог што ми даде втор живот“, рече Сулејмани, еден од преживеаните во автобуската несреќа во Бугарија.
Вака Лулзим Сулејмани го започна разговорот со екипата на ТВ21 при нивната посета во Прешево. Тој е херојот кој од пламените јазици на автобусот ги извлекува малкумината спасени патници. Понудата на Беса Транс била примамлива, па така се одлучил да резервира за него и неговата свршеница.
„Екскурзијата беше многу добра. Имавме и водич, кој не водеше секаде. Беше прекрасно. И шоферите беа добри, беа два и патот беше многу добар. Во двата правци имавме паузи. Во автобусот беа добри, ни даваа кафе, пијалаци, имавме паузи и така.“, изјави Сулејмани.
Автобусот бил добар, но не знаеле дека нема лиценца.
„Патот не беше тежок. Не возеше брзо. Нормално, како што вози автобус, 100. И автобусот беше добар, а за лиценцата не знам.“, вели Сулејмани.
Лулзим се уште е во шок. Вели дека не може да спие, а сликите од трагедијата постојано се вртат во неговата глава. Еднаш неделно посетува психијатар во болницата во Врање.
„Се ми се повторува во главата, 24 часа откако… Бидејќи јас бев буден и видов се од трагедијата и сега се ми се врти во главата. Сега не можам да спијам како претходно… Се будам, не можам да спијам, спиеш само 1-2 часа. Кога ќе се пробудиш, потоа не сакаш да спиеш. Не е како што беше…“, вели Сулејмани.
Еден мал детаљ кој го забележал Лулзим при влегувањето во автобусот, спаси неколкумина.
„Јас бев буден, но пред тоа, кога шетавме низ Турција, забележав каде стои чеканчето. И потоа кога се случи катастрофата, фала му на Бог што паметот ми беше во глава, стигнав до чеканчето, го скршив стаклото и излегов јас и после мене уште шест“, рече Сулејмани.
Ова е втор живот и за неговиот татко.
„Јас како татко го доживеав најтешкото. Првиот пат слушнав дека тој е загинат. Тоа беше објавено по таа трагедија и после тоа дознав од други дека тој е жив и здрав и дека е во болницата и веднаш дојдов во Софија.“, вели Али Сулејмани, таткото на Лулзим.
Вели дека сега животот им е полесен, но ова не го посакува на никој.
„Знам како тие сега се чувствуваат, не дај боже ова на никој да му се случи, посебно на нас кои сме родители. Тоа тешко се поднесува.“, рече Али.
Никој не осудуваат, но семејството Сулејмани верува во истрагата дека ќе ги даде вистинските одговори на прашањата, како се случи несреќата во која загинаа 45 патници.