Џезаир Шаќири познат како Командант Хоџа се огласи за вработувањето како советник во Владата на Зоран Заев. Тој потенцира дека дел од коментарите за вработувањето биле оти СДСМ прави маркетинг со неговото име.
Вели дека Заев излегол попаметен од Албанските политичари и одлучил да го симне од планина и да му даде, како што вели, колку и да е мала функција во влада.
-Кој ги спречуваше 10 години албанските партии да дојдат да ме посетат во Танушевци? 10 месеци во Скопје единствени политичари кои ме посетиле и ми посакале добредојде се Весел Мемеди и Ѓулумсере Касапи. Кој им нареди на албанските партии да ме остават 10 години по планините и зошто албанските партии кои биле и се на власт не му го зедоа бајракот на Заев од порано и да си направеа маркетинг за себе?, прашува Командант Хоџа.
Вели дека не е член на ниту една политичка партија, додавајќи дека ако се одлучи да влезе во политика, аукцијата за неговиот ангажман ќе биде јавна.
На 24 јули 2001 година Шаќири бил ставен на македонската црна листа на граѓани, а на 27 јули е ставен и на листата на американскиот претседател Џорџ Буш.
Шаќири беше 10 години во бегство (2007-2017). Тој се врати во Скопје по смената на власта, а тврдеше дека бил неправедно гонет „од предходниот режим а сега очекува од новата власт и премиерот Заев да има еднаков третман како и сите други граѓани“.
Командант Хоџа е учесник во воениот конфликт од 2001 година, ги раководеше припадниците на УЧК во Арачиново.