Бројот на случаи со туберкулоза во нашата земја континуирано опаѓа, но болеста се уште е присутна. Ова го потврдија за МИА од болницата за белодробни заболувања кај децата „Козле“ и од Институтот за белодробни заболувања и туберкулоза.
Директорот на болницата за белодробни заболувања кај децата „Козле“, д-р Бесник Зеќири, вели дека во Институтот, годишно имаат во просек по 10 до 12 деца.
– Заради ковид-пандемијата, овие бројки беа помали во изминатите две години, по пет до осум деца. Годинава, за два месеца имаме дијагностицирано 11 случаи на ТБЦ, и околу 20 со латентна туберкулозна инфекција, изјави за МИА, директорот на болницата Зеќири.
Тој појасни дека на нивниот оддел за туберкулоза, моментално болнички се лекуваат шест деца и сите се во стабилна состојба.
-За спречување на оваа болест потребна е вакцинација со БЦГ вакцина по раѓање, откривање на болните, најчесто возрасни лица со белодробна тбц кои ја шират заразата, и најважно откривање на контактите и нивно иследување, особено децата кај кои е потребна соодветна заштитна терапија, како не би дошло до развој на болест, посочи Зеќири.
Според најновите податоци на Светската здравствена организација, во 2021 година се регистрирани 10.6 милиони случаи на заболени од туберкулоза, што е еквивалент на 134 регистрирани случаи на 100.000 жители за таа година. Република Северна Македонија последните 15 години има континуиран пад на бројот на новозаболени со туберкулоза, каде од 2019 година припаѓа во групата на земји со ниска инциденца, што имаат помалку од 10 случаи на 100.000 жители, нагласи за МИА, директорот на Институтот за белодробни заболувања и туберкулоза, д-р Сеад Зејнел.
-Иако е излечлива и превентабилна болест, 141 година од откривањето на причинителот на туберкулозата, 75 години од откривањето на ефикасни лекови, туберкулозата се уште претставува глобален здравствен проблем. Присутна е во сите земји и сите возрасни групи. Секој може да заболи од туберкулоза. Но, одредени групи на лица се со зголемен ризик да заболат од истата, а тоа се лица кои биле во непосреден контакт со болен од туберкулоза, членови на семејството, особено децата, потоа лицата кои живеат со ХИВ, исто така лица кои живеат во затворени колективи како прифатилишта за мигранти и бездомни лица, затворите, психијатриски одделенија, лица кои живеат со материјални средства под границата на сиромаштијата, како и хронични болни со намален имунитет, каде не постои можност за спречување на болеста – дијабетичари, болни со долготрајна кортикотерапија, болни од малигни заболувања, истакна Зејнел.
Постигнатиот напредок кон целите за елиминација на оваа болест во светски и домашни рамки, како што додаде Зејнел, во значителна мерка е компромитиран од страна на ковид-пандемијата, каде поради рефокусираноста на здравствените системи и популацијата кон истата, само е зголемен јазот помеѓу регистрираните случаи и реалната бројка на заболени од туберкулоза.
-Иако е присутна кај сите возрасни групи, за жал, гледано според возрасните групи, туберкулозата најчесто се јавува кај најработоспособната популација, помеѓу 20 до 40 година од животот, а машкиот пол е двојно повеќе опфатен, најверојатно поради бихејвиоралните одлики на машкиот пол. Во основа, еден здрав организам најчесто успешно се бори со туберкулозните бацили, каде и во случај на инфекција, таа останува под контрола, во скриена – латентна форма. Кај пет до 10 отсто од инфицираните лица, болеста може да се јави по неколку години поради состојбата на организмот – имунитетот – и факторите на околината. Ако отпорноста на организмот е слаба, тогаш инфекцијата преминува во активна болест, којашто истовремено е и заразна, појасни Зејнел за МИА.
МИА