„Да не беше вистинито, и да се случуваше некаде далеку од нас, во некое нецивилизирано општество, верувам дека ќе ни беше смешно ова што се случува деновиве со помпезно најавуваната реконструкција на Владата на Република Македонија и нејзиното проширување со уште една политичка партија. Но, воопшто не е смешно, за тоа што токмукај нас се случува и засегнати сме сите ние без разлика на кој политички блок припаѓаме, но и на оние кои партиски се неопределени и се разбира без разлика на етничката припадност. Сите сме во ист кош, заглавени и заробени во деструктивизмот на Ковачевски и неговите сопартијци и коалициони партнери“, истакна Даниела Христова, пратеничка од редовите на ВМРО-ДПМНЕ.
Христова додаде додека власта со денови е во исчекувања какви договори ќе паднат, кој колкав дел од колачот ќе земе, сведоци сме дека учениците секојдневно се под стрес и губат настава поради дојавите на бомби во училиштата. А, пациентите со ретки болести молат за лекови кои за нив живот значат и на крај не успеваат зашто надлежните се премногу зафатени со личните и партиските интереси.
„И додека со денови се замајува јавноста, се свртува вниманието кон пролонгирање на рокот на траење на оваа влада, од друга страна се забораваат граѓаните кои впрочем треба да бидат на прво место“, рече Христова.
Пратеничката посочи дека со оваа Влада ништо нема да се промени на подобро, се ќе биде исто, но се надева дека нема да биде и полошо.
„Со оваа Влада нема да има конкретни решенија за спас на економијата. Оваа влада нема да помогне на стопанството.
А, дефинитивно нема да се испорача поевтина електрична енергија, ниту поевтини прехранбени производи“, нагласи Христова.