Со ова што го прави власта само го задолжува секое семејство за дополнителни 500 евра или само дополнително им ги празни џебовите на граѓаните и тоа во услови кога се е поскапено, реше пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ, Даниела Христова на собраниската седница за ребаланс на Буџетот за 2021 година.
-Се е поскапено, тргнувајќи од основни намирници, па до даноци, а се воведуваат и нови даноци. Власта зборува за зголемување на плати, вработувања, а економската ситуација никогаш не била полоша, констатираше пратеничката Христова.
Христова укажа дека во сите земји има инвестиции, а Македонија е на дното.
-За кои инвестиции зборувате? За 2020 во Македонија има само 274 милиони евра и е на дно во регионот, Србија има 3,44 милијарди евра, Хрватска има 1,3 милијарди, Албанија е со една милијарда евра. Реализација на капитални инвестиции исто е на катастрофално ниво и заклучно со мај годинава има реализација на само нешто повеќе од 20 проценти од планираните, рече Христова.
Таа кажа дека единствено нешто што е реално е тоа што луѓето заминуваат од Македонија.
-Луѓето заминуваат затоа што не можат да го поминат месецот со ниски плати и високи даноци. Има само низа лаги дека овој ребаланс е продуктивен и развоен, рече Христова.