Амбасадорката на Хрватска во Македонија, Нивес Тигањ во телефонска изјава за Курир вели дека будно ги следат случувањата поврзани со смртта на хрватскиот државјанин, ракометарот Денис Тот.
-Случајот е трагичен, за семејството пред се, за нас како Амбасада и држава. Страшно е. Секој збор е излишен. Ги контактиравме сите институции, Клиничкиот центар, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски и се информиравме за настанот. По обдукцијата бевме известени за резултатите од истата. На семејството Тот кое беше тука им ја пруживме сета човечка и професионална помош која можевме како амбасада да ја обезбедиме, вели амбасадорката Тигањ за Курир.
По однос на низата шпекулации кои се појавија во јавноста во врска со целиот случај, амбасадорката истакнува дека истите не ги коментираат и се водат исклучиво од податоците кои ги добиваат од релевантните институции.
-Видовме што покажа истрагата. Будно ја следиме ситуацијата и развојот на настаните. Секако дека очекуваме правдата по судски пат да биде задоволена, додава Тигањ за Курир.
Семејството Тот со посмртните останки на Денис се врати во Хрватска каде утре попладне ќе биде погребот на момчето во неговото родно Ѓаково.
Од она што досега официјално од институциите е познато, осомничени за сторено кривично дело Убиство се три лица. Две од нив се приведени и одреден им е притвор, додека по првоосомничениот за делото полицијата се уште трага.
Од Институтот за судска медицина и геонтологија по извршената обдукција врз починатото лице и според првичните наоди информираа дека иако нема видливи повреди, смртта е насилна и настапила како резултат на повреди на мозокот настанати од нанесените удари.
-Кривично правниот настан се случил на 7 овој месец, во раните утрински часови, пред ноќен клуб во Скопје кога осомничените по кратка вербална расправија, го нападнале сега починатиот хрватски државјанин и му задале повеќе удари со боксови и клоци. Од ударите сега починатиот паднал и со задниот дел од главата удрил во асфалт и изгубил свест. Тројцата осомничени продолжиле со дејствија на удирање по главата, а потоа, без да му укажат помош, заминале од местото на настанот. Лице вработено во ноќниот клуб повикало Итна медицинска помош по што сега починатиот бил пренесен на Ургентниот центар при Клиниките „Мајка Тереза“. Според информациите од лекарите што го примиле сега починатиот, лицето имало престанок на работата на срцето, масивен оток на мозокот, пресечен јазик и висока телесна температура. По приемот бил ставен на апарати за дишење и бил во животно загрозувачка состојба, а наредниот ден и покрај обидите за реанимација починал, информираа од Обвинителството.