Министерот за надворешни и европски работи на Република Хрватска Гордан Грлиќ Радман, на покана на неговиот колега, шфот на дипломатијата Бујар Османи утре ќе престојува во официјална посета на Република Северна Македонија.
Како што соопшти МНР, двајцата министри ќе имаат тет-а-тет средба по што ќе следи пленарен состанок меѓу делегациите на Министерството за надворешни работи на Република Северна Македонија и Министерството за надворешни и европски работи на Република Хрватска.
Предвидено е потпишување на Меморандум за разбирање меѓу Министерството за надворешни работи на Република Северна Македонија и Министерство за надворешни и европски работи на Република Хрватска во областа на дипломатска обука. По што Османи и Грлиќ Радман ќе одржат заедничка прес-конференција.
Покрај средбите во Министерството за надворешни работи, во вечерните часови во Филхармонија ќе се одржи свечен настан, со концерт на хрватска клапа и фолклорни ансамбли од Северна Македонија, по што ќе се одржи и соодветен прием на кој заеднички ќе биде одбележана 30-годишнината од воспоставувањето на дипломатските односи меѓу Северна Македонија и Хрватска.
Следниот ден од посетата, министерот Радман ќе учествува на вториот Преспа Форум за дијалог што ќе се одржи од 16-18 јуни во Охрид.