Министерката за образование Мила Царовска не попушта и децидно останува на ставот дека матурата ќе се одржи според постоечките закони. Матурантите освен што бараат средба со премиерот Зоран Заев, во март планираат да кампуваат во шатори пред МОН.
„Очекуваме да најдеме заеднички јазик со премиерот Заев. Државната матура ги засега над 16 илјади матуранти и како премиер треба да помогне во решавањето на проблемот, изјави Бленди Ходаи, претседател на Сојузот на средношколци.
Матурантите имаа средби и со пратеници и добија подршка од пратеничката група ВМРО-ДПМНЕ, која поднесе предлог закон за измени и дополнување на Законот за образование. Според професорката Весна Јаневска, претседателка на Комсијата за образование на ВМРО-ДПМНЕ, има пандемија со корона и учениците се соочија со онлајн настава и немање доволно услови за истата.
-Можно е и треба да им се излезе во пресрет на средношколците матуранти. Тие во овој период на пандемија се соочија со низа на проблеми како онлајн настава која е неприродна, во овој контекст е недостаток на технологија, нестабилен интернет, учебната година почна сп задоцнување, но не беа скратени програмите како што беше најавено. Имаше кратење кај мајчин јазик, а поостанатите предмети беше оставено на наставниците да направат адаптирање. Значи тоа што им беше ветено на учениците не го добија, рече Јаневска.
И експертите и професорите велат дека мора да се најде заедничко прифатливо решение. Мора да се земат предвид сите реални аспекти, полагање матура во ковид услови.
-Мора да се најде заедничко прифатливо решение. Пред сè, надлежните мора да ги земат предвид сите реални аспекти кои упатуваат на потребата од ваквиот формат на полагање матура сега, во вакви услови. Да изготват модел по мерка, која доликува на матурант и да водат сметка за целиот контекст. Сакам да нагласам, секако, и дека мора да го прифатат фактот дека и без ковидот, со години наназад изведбата на матурските испити е дискутабилна и ако тој факт и понатаму го буткаме под тепих, само ќе го мултиплицираме проблемот наместо да му бараме решение, вели Елизабета Секирарска, професорка во средно училиште.