сабота, 25. ноември 2023. Вести денес: 0
home Вести

И туристичкиот сектор на респиратор

И туристичкиот сектор на респиратор

Корона кризата целосно го парализира работењето на туристичкиот сектор во Македонија, кој во изминативе години доживеа значителен подем. И по завршувањето на летната сезона, која требаше барем малку да ја заживее оваа гранка, сепак туроператорите се плашат дека ќе се соочат со колапс. Ваучерите за летување кои во првите месеци од кризата ги додели државата, не помогнаа да се ублажи ударот врз туризмот. И покрај мерките во четвртиот пакет на Владата туристичките компании не можат да обезбедат ликвидност и да преживеат. Имаат нови барања за справување со кризата. Бараат бесплатни ПЦР-тестови за корона, со превод на англиски јазик за сите странски државјани.

– Потребни се бесплатни ПЦР-тестови за корона, со превод на англиски јазик, за сите странски државјани, со туристички престој во категоризирани хотели на територијата на нашата држава, кои ќе им бидат потребни при влез назад во матичната држава‘‘ вели Даниела Михајловска Василевска, самостојна советничка во Стопанската комора на Македонија.

И покрај најавата на Владата дека на 150 регистрирани туристички водичи за октомври, ноември и декември, ќе им биде исплатена минимална бруто-плата во висина од 21.776 денари, во вредност до 160.000 евра, како и тоа дека ќе има поврат на туристичката такса за 4.740 субјекти што организирале ноќевања во 2019 година, со што ќе бидат вратени вкупно два милиони евра, сепак туристичкиот сектор вели тоа не е доволно.

– Доколку продолжи индиферентноста на државата, може да се случи закана од губење десетици илјади директни работни места во туризам и транспортот, губење можности за ранливите популации и заедници, кои имаат најголема корист од туризмот и реален ризик од губење на виталните ресурси за заштита на природното и културното наследство низ целиот свет‘‘ вели Дончо Нацев, сопственик на една од туристичките агенции
Како што објаснува тој, туризмот треба да напредува, а тоа значи дека ограничувањата за патување мора да бидат ублажени или укинати навремено и одговорно. Според светските податоци и големите консултантски агенции, пораст на приходите во туризмот може да се очекува дури во 2022 година.

Најнови вести