Богдан Илиевски се прости од Љубиша Георгиевски, неговиот соборец во неколкумесечните протести пред Собранието.
„Смирете се ако сакате да ме чуете, и чујте ме за да можете да се смирите…“ – Љубиша Георгиевски. Почивај во мир пријателе, искрен и велик патриоту, грандиозен Македонецу. Слава ти! Широкото небо сега ти е вечен дом. Биди и понатаму со нас. И ние ќе сме со тебе. Како што рече: „…и сега го препуштам микрофонот на другите говорници“. Тоа е Македонија, тоа е дефиницијата на македонизмот. Одиме понатаму се додека има некој да го преземе „микрофонот“. Секој со својот крст, секој со своето Дело. „Вие раснете како цвеќе од асфалтот кој го газите“. Тоа е Македонија чие чедо е Љубиша, тоа е Љубиша чие чедо е Македонија. Нека ти е вечна слава, пишува Илиевски.
Tри години некој сака да ни подметне војна, изјави на ова обраќање поранешниот претседател на Собранието.
-Браќа и сестри, земјаци, дојдов овде со сиот багаж од 80 добри години, дојдов овде за да ве видам од близу и во живо, затоа што вие растете како цвеќе од асфалтот што го газите секој ден, еве веќе еден месец. Од истиот оној асфалт, кои некои варвари, хулигани го гадеа, тоа им беше малку и сакаат уште да го испогадат. Дојдов со една порака што прилега на моето грамадно искуство, ние сме сега на крстосница, три години некој сака да ни подметне војна, три години игра на картата дека ние сме патриоти и ќе загриземе на војна. Нема, затоа што ние многу добро знаеме која е разликата меѓу мирот и војната, мирот е кога децата ги погребуваат своите татковци и дедовци, а војната е кога татковците ги погребуваат децата. Затоа нема да нè наведат на војна, сепак мора да сме тука, како што кажа мојот другар Борис, нашето присуство е војна. Знам дека животните се тераат со стап или со грбач, но луѓето се тераат со присуство, изјави Георгиевски
Тој побара од граѓаните да се направи петиција со која ќе се побара од ЕУ да се огради од тиранската платформа.
-Ве молам да имате трпение и затоа сакам сега да ви ставам нешто на душа, сакам нешто конкретно на душа, дали сте за тоа да се состави една петиција до ЕУ, во која ќе ги кажеме нашите барање, затоа што овде не нè слушаат, една петиција од 150 до 200 илјади луѓе ќе направи разлика. Овие што си ја сликаат платформата се влезени во историјата на бесчестието, но ние ако направиме петиција во која ќе побараме од ЕУ да се огради од тиранската платформа, сакале тие или не сакале мора да нè евидентираат, така ние ако не влеземе во ЕУ, ќе влеземе во европската историја – рече во неговиот говор Георгиевски.