Владините одлуки за намалување на цените на тестенините и млечните производи од денес официјално стапуваат во сила, а трговците до сега требаше да ги усогласат цените според Одлуките, соопштија од Државниот Пазарен Инспекторат.
-Од утре инспекторите ќе бидат на терен и ќе вршат контроли за да се утврди дали трговците постапиле во согласност со Одлуките! Инспекторите ќе постапуваат во рамки на нивните надлежности кои произлегуват од Одлуките, а согласно тоа и според Законот за трговија. Станува збор за искусни професионалци, со долгогодишно работно искуство во сферата на пазарната инспекција, што значи дека сме апсолутно подговени да се соочиме и со овој предизвик, велат од ДПИ.
Контролите ќе се вршат над производите кои ги опфаќаат Одлуките за определување на највисоки цени за одделни производи во трговијата на мало (Службен весник на РСМ бр. 52/2023), односно:
тестенини неварени, неполнети ниту поинаку приготвени, што не содржат обично пченично брашно или гриз, без додаток на јајца (макарони и шпагети) чија највисока цена на овие производи од ставот се утврдува на нивото на цените кои се применувале на 1 март 2023 година, во трговијата на мало, и се намалуваат за 15%; трајно кравјо млеко со масленост од 2,8%, 3,2% и 3,5%; урда; кравјo бело сирење и мешано бело сирење; кравји кашкавал (со исклучок на кравји кашкавал без додатоци и пармезан); кисело млеко; павлака и jогурт, без додатоци, а највисоките цени на наведените млечни производи се утврдуваат на нивото на цените кои се применувале на 1 март 2023 година, во трговијата на мало, и се намалуваат за 10%.
Начинот на кој ќе се постапува доколку некој од економските оператори дејствува спротивно од Одлуките е предвиден во Законот за трговија. Во случај да се утврди прекршување на Одлуките ќе следат казни кои произлегуваат од Законот за трговија! Казните се високи и изнесуваат од 800 до 10000 евра, во зависност од големината и видот на економскиот оператор.
Од ДПИ напоменуваат дека пазарна ќе постапува исклучиво по однос на контрола на цените утврдени со Одлуките, но нема надлежност да постапува, ниту пак да влијае врз формирање на цени во трговијата на големо и трговијата на мало.
-Апелираме да се почитуваат Одлуките, а исто така ги повикуваме граѓаните доколку забележат неправилности веднаш да пријават во пазарниот инспекторат. Работиме во интерес на граѓаните и токму затоа се донесени овие Одлуки, за да се помогне во време на економска криза која сеуште постои и да се спречи личното профитерство и злоупотреба, велат од ДПИ.