Колку проекти се планирани за вашата општина?
Кога влегуваме во еден процес на политичко претставување и барање на доверба од граѓаните, неминовно е акцентот да се стави на понудата кон нив. Сметам дека основата на се е идејата и визијата но и концептот на работа во наредниот период.
Мојата изборна програма е изработена во соработка со граѓаните, со кои се консултиравме преку интензивни средби, каде разговаравме за нивните потреби, проблеми со кои се соочуваат, но ги инкорпориравме и нивните предлози и идеи. Истата е составена од голем број на проекти, во кои се содржат сите области кои се во интерес на граѓаните, а се дел од надлежностите на локалната самоуправа, како што се комуналната инфраструктура, екологијата, културата, образованието, спортот, локалната економија, социјалната заштита и др.
Колку и кои ќе бидат први на листа за реализација?
Сите проекти кои се ставени во мојата програма се ставени таму за да се реализираат и уште од првиот ден од мојот мандат, јас и мојот тим ќе работиме на нивна реализација. Самите рокови на реализација зависат и од обемот на проектот, каде некои од нив, поради нивната природа, обем и финансиски потреби се повеќегодишни и за нивната целосна реализација ќе бидат потребни повеќе години.
Како што претходно напоменав, имаме проекти во сите сфери кои се во надлежност на локалната самоуправа, а како најглавни можам да ги наведам изградбата на канализациона и водоводна мрежа, рехабилитација на локалната патна инфраструктура со изградба на кружни крстосници на повеќе локации, гасификација на стопанските објекти во општината, изградба на здравствен дом во Илинден со 24 часовно дежурство и секундарни здравствени услуги, реконструкција на основните училишта и модернизација на образовниот процес со воведување на целодневна настава во ООУ „Гоце Делчев“, изградба на стадион со трибина, изградба на велосипедски и трим патеки за рекреирање, многу нови паркови и зелени површини, многу проекти за поддршка на младите лица и др.
Колку планирате да реализирате за време не 4 годишниот мандат?
Во изработката на програмата се водевме од тоа сите проекти кои ги нудиме на граѓаните да бидат реално остварливи, а не само желботека со единствена цел за добивање на нивната доверба на изборите.
Довербата од граѓаните тешко се добива, а многу лесно се губи.
Сите проекти кои ги ставивме во програмата се ставени таму со цел да се реализираат и остварат, а наше е максимално да се посветиме и да работиме за нивна реализација.
Од кои начела ќе се водите при работата.
Има повеќе основни начела од кои ќе се водам за време на водењето на Општина Илинден во наредните 4 години.
Транспарентност и отвореност- верувам дека ова е единствениот начин да се води една општина. Наредниве 4 години ќе работам за потребите на моите сограѓани, но никогаш нема да заборавам да се консултирам со нив за важните прашања, а мојата администрација и јас ќе бидеме секогаш отворени за нив. Вредност и работливост – за разлика од најголемиот дел на актуелни градоначалници, кои сфатија дека се градоначалници и дека треба нешто да подработат на неколку месеци пред секој изборен циклус, јас ќе работат неуморно за реализација на мојата програма и за доброто на моите сограѓани уште од првиот ден на мојот мандат. Системско работење – Ова е нешто што според мене е темел на секое успешно работење. Честопати сме сведоци на голем број прес-конференции на политичари од актуелната власт каде најавуваат бомбастични проекти, од кои подоцна не гледаме никакви ефекти, само многу изгубено време, енергија и финансии. Ова, според мене, се должи на непланското работење, работење без визија и план за што понатаму.
Една од моите основни начела во работењето и делувањето ќе биде планското-системско работење, работење по план, без евтини импровизации.