Како човек кој цел живот го поминал во Ново село со право можам да кажам дека ситуацијата тука сега е очајна. Општината граничи со ЕУ, а не се црпат пари од европските фондови, нема ништо од земјоделието која е основна работа на жителите, тие постојано се иселуваат. Тоа ме поттикна да работам на проекти за подобрување на квалитетот на животот на село, да го вратам Ново село на патот на успехот, вели Стоилков кој е кандидат за градоначалник на општината од редовите на ВМРО-ДПМНЕ. Вели посветено ќе работи, но со задоволство ќе наоѓа време за семејството и своите две ќерки
Каква е ситуацијата сега во Ново село?
Можеби ќе звучам песимистички, но единствениот збор кој може да ја опише е очајна. Не го велам тоа од позиција на кандидат за градоначалник, туку како жител на општина Ново Село кој целиот свој живот го поминал тука. Ние сме место во кое лесно може да се забележи кога работите тргаат на подобро, но за жал ова не можам да го видам во последните 2-3 години, тука е сосема спротивното. Активни проекти за подобрување на животот на граѓаните не постојат, единствено што граѓаните можат, и тоа добро да го почувствуваат е постојаното нивно оптоварување со дополнителни такси и даноци кон фирмите на локалната самоуправа.
Со земјоделие се занимава голем дел од населението колку се задоволни од ситуацијата?
Изминатите години граѓаните можеа да се потпрат на земјоделието, кое за многумина е главна работа, сега не можат и на тоа да сметаат. Последните неколку години земјоделците не можат да си ги покријат дури ни трошоците за производство, што мислам воопшто не е праведно. При таква негрижа на властите не може да имате задоволен земјоделец. Се работи за категорија на луѓе кои вложуваат огромен физички труд за да произведат нешто, за на крај да заработат сите околу нив освен тие. Не постои ниту еден проект или имплементирана мерка која барем ќе започне процес за решавање на овие проблеми. Луѓето едноставно се оставени на самите себе.
Што ќе кажете за преку граничната соработка, со соработка со соседните земји може да се направи многу, за проекти да се црпат средства од европските фондови…?
Меѓу граничната соработка и користењето на европските фондови е една од главните можности за финансирање на развојот на општината. За жал, кај нас и тоа што го има е наменето за некои споредни работи наместо решавањето на клучните проблеми на граѓаните Општина Ново Село кое граничи со Европска унија. Дополнително поради ова е потребна офанзива кон овие средства.
Што ќе направите вие, кој беше вашиот мотив да се кандидирате за градоначалник?
Едноставно, сакам Ново село да биде успешна и просперитетна општина, граѓаните да се гледаат тука, да не се иселуваат, да имаат општина која ќе оди напред. Мора да признаам за ова треба да се вложи многу труд, треба и време за да се врати општината на патеката на успехот. Работам на програма за ова, и со тоа работам на проекти кои ќе придонесат за подобрување на квалитетот на животот на село.
Граѓаните секогаш се интересираат и за приватната страна на политичарите, кој е Николчо Стоилков приватно?
Семеен човек, татко на две ќерки, една четири години и другата два месеци. Слободното време сакам да го поминам најмногу со децата. Но, секогаш наоѓам време и за пријателите, сограѓаните. Жалам што повеќето млади масовно се иселуваат. Од секојдневните обврски најдобар одмор ми е времето поминато со децата. Поголемата ќерка сака и дома да го поминува времето со мене заедно да гледаме телевизија, да ми покаже некоја нова игра, а често знае да каже тато ајде да направиме селфи. Господ пак ме дарувал со сенс за спорт и тоа вешто го користам, играм одбојка, тенис, пинг понг. Тоа е начин целосно да се ослободам од негативната енергија.