КУРИР интервју со кандидатот за градоначалник на ВМРО-ДПМНЕ за општина Могила, Драганчо Саботковски.
КУРИР: Со кои најголеми проблеми се соочува општина Могила?
Во 21 век жителите се соочуваат со проблеми кои се од суштинско значење, чести прекини на електрична енергија и немање на вода за пиење. Моментално дел од селата во оштината користат вода за пиење од локални водоводи кои често се во дефект и ги доведуваат жителите да останат без вода неколку дена во време на пандемија. Сведоци сме на немањето слух за земјоделците, како од страна на централната, така и од страна на локалната власт. Незагарантиран откуп на земјоделските производи, ниска откупна цена на тутунот, ненавремена исплата на субвенциите се само дел од маките на земјоделците.Негрижата за постојаната инфраструктура и неодржување на постоечките паркови и детските катчиња.
КУРИР: Што Вие, како кандидат за градоначалник им нудите на жителите на општина Могила?
Како иден градоначалник ќе се залагам за привлекување на инвеститори во општината и отворање на работни места. Ќе привлечеме потенцијални инвеститори од дијаспората и ќе ги стимулираме локалнитесо ослободувањеод давачки кон општината. Могила е земјоделска општина, затоа заедно со земјоделските здруженија ќе организираме обуки за нови земјоделски практики и максимално искористување на финансиска помош.
Ќе дадеме согласност за обезбедување услови за изградба на нови краци за наводнување од хидросистемот Стрежево.
Со цел полесно функционирање на земјоделците максимално ќе ги искористиме возилата и опремата на комуналното претпријатие, за чистење на одводните канали и санирање на полските патишта.
Ја гледам општина Могила со подобрена инфрастуктура во целост, изградени и реконструирани локални патишта, канлизациона мрежа и решен проблемот со водоснабдувањетои честите прекини на електричната енергија.
Потребна е изградба на градинка во село Могила и отворање на центри за ран детски развој во поголемите населени места.
Дел од програмата што ќе ја понудиме на локалните избори се и уредените паркови со детски катчиња и теретани од отворен тип, повеќенаменски спортски игралишта во повеќе населени места.
КУРИР: Кој ќе биде приоритетот?
Приоритет на општината ќе биде оградување на училишните дворови и реконструиирање на основните училишта со енергетскоефикасни фасади и греење, и опремување со потребните наставни средства и помагала за поефективна реализација на наставата.
Општината ќе ги наградува најдобрите ученици, студенти и спортисти.
Ќе ја прошириме програмата за спорт и култура, ќе дадеме поголема поддршка на спортските клубови, турнирите и традиционалните манифестации. Културното лето ќе се прошири и во поголемите населени места.
Потребна е услужна општина и дигитализација на услугите кои ги нуди општината.
Младинскиот активизам ќе биде видлив, младите ќе бидат вклучени во работењето на општината, секоја идеја и иницијатива од младите ќе биде поддржана.
Моја најголема амбиција е Могила да стане поубаво место за живеење, каде младите ќе сакаат да живеат, а не да се иселуваат!
КУРИР: Од кои начела ќе се водите при работата?
Потребите на граѓаните секогаш ќе бидат мој поттик и приоритет. Ќе се залагам за решавање на сите проблеми со кои се соочуваат и реализирање на нивните идеи и предлози. Ќе бидам градоначалник за сите жители на општина Могила, без разлика на нивната политичка определба.
Ветувам посветеност, разумни решенија и принципиелност во политичкото делување. Ќе се водам од принципите на лојалност, одговорност и правичност. Гарантирам многу работа и конкретни резултати. Имам јасна визија што сакаме да постигнеме, искрено, со чесен пристап, да ја направиме Могила општина за сите луѓе.