Актерката Ирена Ристиќ, која во септември минатата година беше уапсена кога со група активисти чистеше пред Влада, преку Фејсбук статус во кој ги објави сите документи од вечерта кога беше притворена, побара одговорност од министерот за внатрешни работи.
Таа од министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски бара одговорност за малтретирањето што го доживеала од полициските припадници кои ја однесоа во психијатарската болница Бардовци.
„За сето малтретирање, модрици, подливи и гребаници!!! За наранџастите и љиљакови нокти на полицајките! За сето изживување и унесување у фаца од страна на командирот со уште шестмина други… Ред се редат, мале… За секоја навреда, секое “пизда ти материна”, “ма” и “мори”!! За сета вулгарност, простотилак, некултура и непрофесионалност! За сето демонстрирање сила! За клештењето кога побарав некој да ми го провери кучето дома!! За труцкањето у лименото комбе, за висењето у Бардовци! За сета неправда која ми е нанесена само зашто кажав она што е факт! За целата траума!!! За сите кои ја немаат мојата лудост и храброст да се спротивстават! За Вашите лаги!!!“,пишува Ристиќ на Фејсбук.
#ОДГОВОРНОСТ -Третата слика е официјален документ на МВР во кој се тврди дека Ирена Ристиќ поради одбивање да се алкотестира била носена прво во комплекс клиники-Ургентен центар каде наводно одбила да биде алкотестирана па поради тоа била однесена во психијатриска болница Скопје, Бардовци. Да се потсетиме на посочениот ден Ирена е лишена од слобода од страна на овластени службени лица без поуки за права, поуки за бранител и без известување на семејството. Оневозможен пристап до адвокат. Нејзиниот бранител, адвокат Јанаки Митровски е контактиран дури во 3.30 по полноќ после 4 и пол часа, по што Ирена е ослободена во 4.30. На средната слика има официјален допис од Ургентен центар дека тој ден нити вонредно, нити преку МОЈ ТЕРМИН Ирена е регистрирана дека била во Ургентен центар, а идентичен одговор најдесно има и од Клиниката за Токсикологија. Министре Oliver Spasovski ќе сноси ли одговорност некој во Министерство за внатрешни работи за иживувањето врз Ирена, кршењето на нејзините основни права и безочното лажење на Вашите служби со цел заташкување? До кога овластените службени лица ке сметаат дека униформата ги прави имуни на почитување правила, прописи и постапка?
ОДГОВОРНОСТ мора да има, и истата мораме ГЛАСНО да ја бараме со цел да спречиме идно вакво однесување на полиција која смета дека може било кој граѓанин да го влече по психијатарски болници од чиста мира и дополнително да лаже(види фото) со цел да заташка, завршува таа.