Интервју на новинарот Милорад Вучелиќ со епископот бачки Иринеј за божикното издание на весникот „Печат“. Во продолжение го пренесуваме делот од интервјуто, во кој епископот бачки Иринеј се осврнува и на „неукиот потег на МПЦ“ и на „неканонската одлука на Бугарската православна црква, која се однесува на канонската јурисдикција на Православната охридска архиепископија“.
Неодамна стигна вест од Европскиот суд за човекови права во Стразбур дека канонската Православна охридска архиепископија го добила спорот против македонската држава. После оваа пресуда, македонската држава е должна да ја регистрира Православната охридска архиепископија, која е во канонско единство со Српската православна црква и на чие чело е неговото блаженство архиепископот охридски и митрополит скопски Јован Вранишковски. Значи ли тоа дека во Поранешната Југословенска Република Македонија ќе настапат подобри денови за канонската Православна охридска архиепископија охридска и ќе престанат прогоните на нејзините архиереји, свештенство и монаштво?
– Пресудата на Европскиот суд за човекови права, основана на начелата на правото и правдата, треба да ја набљудуваме во светлината на јануарските денови од 2004 год., кога скопските власти ги апсеа архиереите на Православната охридска архиепископија, кога претепуваа монахињи, го запалија манастирот во Нижеполе, покрај Битола, упаѓаа ноќе во домовите на верниците, им се закануваа и ги шиканираа. Исто така, треба да ја согледуваме во светлината на низата монтирани судски процеси и страдања на самиот архиепископ Јован. Со оваа пресуда, скопските власти се осуетени за понатаму да не постапуваат така. Православната охридска архиепископија од севкупното православие признатата канонска автономна црква, која ја врши полнотата на спасоносната мисија и има поглавар, епископат, свештенство, монаштво и верници, сега е и полноправен субјект на јавното и граѓанското право. Тоа, и мене, и на сите нам, ни влева надеж дека ПОА ќе биде толерирана и барем декларативно рамноправна со расколничката црковна организација, која de facto (иако, не и de iure), ужива статус и привилегии на државна црква.
Само неколку дена по објавувањето на пресудата на Европскиот суд од Стразбур, стигна веста од Софија дека на адресата на Синодот на БПЦ е упатена една молба од Скопје од страна на непризнатата македонска црква. Во таа молба, од БПЦ се бара „мајчинство” за неканонската „Македонска црква”. Пред неколку дена е објавено дека Синодот на БПЦ ја услишал оваа молба, ја прифатил улогата на мајка-црква, во чијшто скут „Македонската црква” би се обидела да стекне легалност и автокефалност. Оваа одлука на Синодот на БПЦ придвижува многу болни сеќавања и отвора стари рани. Што мислите Вие за тоа?
– Настаните, хронолошки се одвиваа токму така како што рековте (пресудата во Стразбур во корист на ПОА, а непосредно потоа и обраќањето кон БПЦ), но, јас не знам дали помеѓу нив постоела некоја причинско-последична поврзаност, или се работело за случајно, стихијски, синхронизирани случувања. Како и да било, постапката на Црквата во раскол претставува преседан во вкупната историја на Црквата, а од стојалиште на православната еклисиологија и канонското право – чиста фарса. Кратка анализа и оцена, како на акцијата на таканаречената МПЦ, така и на реакцијата на БПЦ, изнесов неодамна на страниците на „Вечерње новости”, а тука би се осврнал само на два аспекти – текстуалниот и политичкиот. Синодот на Бугарската патријаршија, имено, – судејќи по словото и духот на неговото официјално соопштение, – експлицитно и недвосмислено не ја прифати улогата на „Црква Мајка”, ниту ѝ вети на „Македонската православна црква” канонско општење и признавање на автокефален статус. Наместо тоа, бугарскиот синод формираше комисија, која има за задача да помогне при решавање на проблемот на создадениот раскол, и тоа со консултација и во соработка со останатите Православни Цркви. Ми се чини, ова е границата на неканонско вплеткување во животот на друга автокефална црква (српската), која бугарската црква не може да ја помине, доколку не сака и самата себе да си го дозволи искуството на расколот со сестринските цркви, искуство кое во својата историја веќе го имала, и тоа не еднаш. Не може да се избегне впечатокот – а, има и непосредни сведочења од самата бугарска црква – дека целиот потфат е мотивиран од политички, државно-национални цели, во духот на старата егзархиска теза за етничкиот бугарски карактер, не само на денешна Република Македонија, туку и на одделни делови на Србија и Грција. Со самото тоа, инспириран е, и поттикнат, по сè судејќи, од политичари и државни чинители од Скопје и Софија. Не знам, но не би се чудел, целото сценарио да е разработено на последниот состанок на двајцата премиери, Заев и Борисов, во Струмица, во режија, или, барем со активно учество на расколничкиот струмички владика Наум. Актерите и не кријат многу, дека нивните акции се политички координирани. Притоа, нив, се разбира, Црквата со своите канони, устројство и поредок, совршено не ги интересира. Нивната намера е чисто црковниот проблем да го решат со политичко насилство и со политичка цел. Со тоа „маѓепсаниот круг” се затвора: се враќаме на дамна изминатите децении, кога Комунистичката партија на Југославија ја основа таканаречената Македонска Православна Црква, за подоцна да ја дарува со фантомска автокефалност (документите за сето тоа веќе одамна се објавени). Проблемите нема да се решат со политичките договори на двоецот Борисов – Заев, и со неуката акробатика на поедини архиереји, кои инаку искрено и длабоко ги жалам, бидејќи virus-от schismaticum ги фрлил во долга духовна болест. Напротив, се плашам дека се оди кон нови поделби помеѓу верниците, не толку помеѓу оние од канонската Охридска Архиепископија, колку помеѓу оние, кои од незнаење или под влијание на пропаганда, припаѓаат на расколничките црковни структури.
Интегралниот текст на интервјуто можете да го прочитате на следниов линк: http://spc.rs/sr/episkop_bachki_irinej_predugo_lutamo_kroz_lavirinte_idola_opsena_samoobmana