Самостојниот синдикат за образование, наука и култура и Министерството за образование и наука денеска треба да седнат на преговарачка маса, откако истече седумдневниот рок што минатиот понеделник му го даде на МОН, претседателот на СОНК, Јаким Неделков и најави дека доколку не бидат прифатени нивните барања за зголемување на платите ќе има генерален штрајк во основните и средни училишта.
Министерот за образование Арбер Адеми во саботата на манифестацијата „Градиме мостови“ изјави дека е оптимист и дека верува оти договор со СОНК ќе се постигне. Министерот, кој денеска повторно ќе се сретне со СОНК рече дека не сака да мисли на лоши сценарија во врска со најавата на Синдикатот за генерален штрајк, доколку не бидат исполнети нивните барања.
Во основните и средните училишта оваа година наставата почна еден ден подоцна, поради предупредувачкиот штрајк на наставници членови на СОНК и тие што солидаризираа со нив. Штрајкувачите на првиот училишен ден на работа без обврски, а оние кои не се приклучија кон штрајкот одржуваа настава.
СОНК на 30 септември му даде уште една недела на МОН пред да одлучи дали ќе ја прифати понудата за зголемување на платите во образовната дејност. Ако не се исполнат неговите барања најави генерален штрајк во основните и во средните училишта.
-Од МОН ни побараа плус време за преговори во кои се утврдува процентот на зголемување на платите и времето од кога тоа би се случило. Објаснија дека им треба време за пресметки и консултации со други институции. Одлучивме да дадеме седум дена, изјави тогаш претседателот на СОНК, Јаким Неделков.
Наставниците не се задоволни од пет процентното зголемување на платите и бараат повисоки плати за 25 проценти. Тие бараат зголемувањето да важи од јануари следната година.