среда, 8. ноември 2023. Вести денес: 0
home Вести

Иванов домаќин на Форумот за културна дипломатија-Скопје 2023

Иванов домаќин на Форумот за културна дипломатија-Скопје 2023

Бројни меѓународни претставници меѓу кои пет поранешни претседатели, двајца поранешни премиери, поранешни министри како и повеќе актуелни членови на парламенти ќе учествуваат на Форумот за културна дипломатија-Скопје 2023 што од денеска до 6 септември ќе се одржи во Скопје, чиј домаќин е поранешниот претседател Ѓорге Иванов.

Како што соопштија од Кабинетот на Иванов, главниот фокус на форумот што првпат се организира во земјава е „Промовирање на демократијата, единството и мирот преку културна дипломатија во новата ера на конфликти и насилство“. Предвидени се панел дискусиии и дебати, средби, разговори и посети на државни институции при што домашните и странски претставници, дипломати, уметници, професори, личности од бизнис заедницата и од младински организации ќе имаат можност да изнесат свои ставови и да разменат идеи и мислења на повеќе теми.

Официјално своето присуство на настанот го потврдија поранешните претседатели на Хрватска, Иво Јосиповиќ, на Србија, Борис Тадиќ, на Бугарија, Петар Стојанов, на Албанија, Бамир Топи, поранешниот претседавач на БиХ, Младен Иваниќ, како и поранешните премиери на Молдавија, Наталија Гаврилита и на Либан, Хасан Диаб.

Меѓу истакнатите странски гости ќе бидат и Армин Лашет, кандидат за германски канцелар и премиер на покраината Северна Рајна-Вестфалија, Ана Линде, поранешна министерка за надворешни работи на Шведска, Елмар Брок претседавач со Комитетот за надворешни работи во Европскиот парламент 2012-2017, како и актуелни членови на парламентите на Шкотска, Хрватска, Романија, Ирска и на Европскиот парламент.

Учесниците на форумот ќе имаат можност да се сретнат и дискутираат и со претседателот Стево Пендаровски, министерката за одбрана Славјанка Петровска, со членовите и претседателот на Националниот совет за евроинтеграции во парламентот, Александар Николовски и со градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска.

Во неофицијалниот дел, во организација на градот Скопје, ќе биде приредено културно-историско разгледување на Скопје, посета на Старата скопска чаршија и централното градско подрачје, а гостите ќе имаат можност да вкусат и традиционална македонска храна пропратена со музичко – уметничка програма.

Форумот за културна дипломатија – Скопје 2023 е во ко-организација на Кабинетот на поранешниот претседател на Република Македонија Ѓорге Иванов, заедно со Институтот за културна дипломатија од Берлин, Градот Скопје и Меѓународниот центар „Алијанса на цивилазиите“.

Се одржува во рамките на Светскиот форум за демократија и мир (2022-27), којшто е петгодишен проект на Институтот за културна дипломатија. Преку користење на дипломатија меѓу различните култури, овој проект има за цел да ги подобри меѓународните односи и да ги доближи страните во современиот свет. Неговата визија е преку своите мрежи и учесници да создаде креативни иницијативи и програми за продолжување на дијалогот и стабилизирање на состојбите, во рамките на меѓународната соработка.

Претходниот форум се одржа во Берлин, а до крајот на годинава планирани се настани во Њујорк и во Брисел.

Основан во 1999 година во САД, Институтот за културна дипломатија е меѓународна, невладина организација со седиште во САД и Германија, чијашто мисија е преку културните односи да го одржува и јакне дијалогот што води до подобро разбирање и поголема доверба меѓу народите и заедниците. Во изминатите години говорници на институтот биле поранешни шефови на држави и влади на повеќе европски земји како Франција, Велика Британија, Шпанија, Ирска, Литванија, Романија, Белгија, Словенија и др, политичари од САД како и од земји од Африка и од Азија, стои во соопштението.

Најнови вести